Чавез: Нема само да воведеме ред, туку повторно ќе ја изградиме Костарика
Новиот социјалдемократски претседател на Костарика, Родриго Чавез вчера положи заклетва најавувајќи инвестиции во образованието и борбата против корупцијата.
„Контрадикторностите на нашата држава ни штетат и ги отежнуваат животите на нашите граѓани повеќе отколку што треба во една демократска, мирна земја, богата како нашата“, рече Чавез од Социјалдемократската партија на напредокот (ППСД) во заклетвата.
„Знам дека предизвиците изгледаат тешки, тие тоа и се, но да не очајуваме и да дозволиме темнината да победи“, додаде тој на церемонијата на која, меѓу другите, присуствуваше и шпанскиот крал Филип Шести.
Чавез е поранешен министер за финансии, а во вториот круг од изборите на почетокот на април го победи поранешниот претседател Хозе Марија Фигуерес од центристичката Национално ослободителна партија (ПЛН).
„Ние нема само да воведеме ред во куќата, туку повторно ќе ја изградиме“, порача Чавез.
Костарика, централно американска земја со околу пет милиони жители, важи за една од политички најстабилните земји во тој регион.