Чарлс Трети на средба со Матарела во палатата Квиринале


Рим – Британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила денеска во Рим се сретнаа со италијанскиот претседател Серџо Матарела, со што ја започнаа официјалната програма на нивната државна посета на Италија, јави италијанската новинска агенција АНСА.

Британската кралска двојка беше пречекана со воени почести во претседателската палата, откако беше придружувана од 32 членови на претседателскиот коњанички полк.

Подоцна денеска, Чарлс Трети и Камила ќе се сретнат и со италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Чарлс Трети утре ќе стане првиот британски монарх кој ќе одржи говор на заедничка седница на двата дома на италијанскиот Парламент.

Кралот Чарлс Трети и кралицата Камила нема да се сретнат со папата Франциск како дел од нивната официјална посета, како што првично беше планирано.

Бакингемската палата минатиот месец соопшти дека меѓусебно било договорено средбата да се одложи поради закрепнувањето на папата. Понтифот беше отпуштен од болница на 23 март по 38-дневна борба со пневмонија. Лекарите рекоа дека ќе му требаат најмалку два месеци да се опорави.

Кралот Чарлс Трети и кралицата Камила задутре ќе бидат во Равена за да се поклонат на гробот на Данте Алигиери и да присуствуваат на приемот по повод 80-годишнината од ослободувањето на провинцијата Равена од нацистичката окупација.