CFDA ја прогласи Ерика Баду за модна икона
Советот на модни дизајнери на Америка ( CFDA) ја прогласи пејачката и текстописец Ерика Баду, добитничка на Греми, за модна икона на годината за 2024 година, за нејзиниот неверојатен стил по кој е препознатлива години наназад. Пред Баду, оваа награда ја добија и пејачките Џенифер Лопез, Ријана, Бијонсе, Леди Гага, актерката Зендаја, и легендарната манекенка Наоми Кембел.
„Оваа чест е неверојатна и не ја земам здраво за готово“, рече Баду во изјавата, за CFDA. „Отсекогаш сум имала љубов да земам делови од работите што ме привлекуваат и да создадам нешто многу пограндиозно од збирот на тие делови. Од музиката што ја правам до изгледот што го претпочитам, до технологијата што ја развивам, секогаш барам иновативни, возбудливи начини да бидам поизразен и да се поврзам со луѓето – да бидам поблиску до природата“.
„Ерика Баду и модата се синоним на многу начини… Ерика без напор се издигнува себеси, нејзината единствена гледна точка, преку облеката што ќе избере да ја носи… и секој изглед што го сонува е толку индивидуален и верен за себе…“, изјави, по овој повод, Том Браун, претседател на CFDA и чест соработник на Баду.
Познатите личности им се придружија на некои од најголемите имиња на модната индустрија во Њујорк за годишните модни награди CFDA. Трансформирајќи го Американскиот музеј за природна историја во градот во модна изложба, Советот на модни дизајнери на Америка прослави мноштво црномурести модни икони и дизајнери.
Домаќин на гала настанот беше актерката и ѕвезда од „Злобниот“ Синтија Ериво, како и јамајканско-американската дизајнерка Рејчел Скот која ја доби наградата за американски дизајнер на женска облека на годината за нејзиниот бренд Диотима. Од своето основање пред три години, брендот на дизајнерката се здоби со признание за својот инклузивен, автентичен и нијансиран приказ на карипската култура во плетените, прилагодени и занаетчиски дизајни видени на ѕвезди како Ангел Рис, Аурора Џејмс, Соланж, Ајеша Кари и повеќе.