Централната банка на Косово објави тримесечен план за укинување на плаќањето со динари


Централната банка на Косово (ЦБК) објави денеска нов план за имплементација на одлуката за укинување на користењето на српскиот динар за готовинско плаќање, според кој преодната фаза за имплементација на новата регулатива, која стапи во сила на 1 февруари, ќе трае три месеци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Со новиот транзициски план, меѓу другото, се предвидува функционализација на бесплатна телефонска линија за информирање на граѓаните од српска националност кои користат средства од Србија и олеснување на условите за отворање банкарски сметки.

– ЦБК, како дел од своите активности за олеснување на спроведувањето на ефектите од регулативата врз готовинското работење во одредени заедници, ја информира јавноста за Планот со дополнителни активности кои се очекува да се спроведат во најкус можен рок, но не подолго од три месеци, во соработка со банки и други финансиски институции: Функционализација на бесплатната телефонска линија (0800-222-55), на електронската пошта за поплаки, како и наменскиот број на „вибер“. Олеснување на условите за отворање банкарски сметки … Привремено суспендирање на надоместокот на ЦБК што се применува за отворање филијали/канцеларии, за да се поттикнат лиценцираните небанкарски финансиски институции да отвораат канцеларии во косовските општини со српско мнозинство, особено во четирите северни општини, се наведува во соопштението на ЦБК.

Покрај тоа, се најавува инсталирање на повеќе банкомати и други електронски уреди, или финансиски самопослужувања, како и олеснување на процесот на размена на динари со евра од страна на лиценцирани финансиски и менувачки институции.

Од 1 февруари во Косово стапи во сила регулативата на Централната банка, која ги исклучува другите валути, вклучително и српскиот динар, за готовинско плаќање.

Српската држава издвојува милиони евра за Србите во Косово – преку паралелен систем – за плати, пензии и социјална помош.

Регулативата беше критикувана од меѓународниот фактор, кој тврди дека одлуката е донесена без претходна консултација. Меѓународната заедница побараа од Косово да го одложи нејзиното спроведување, велејќи дека е потребно повеќе време за српската заедница да се адаптира на неа.

Медиумите во Приштина напоменуваат дека косовскиот премиер, Албин Курти најави едномесечна кампања за информирање на граѓаните од српска националност за измените во регулативата, додека меѓународната заедница, САД и Европската унија, побараа подолг транзициски период.

Амбасадорот на Германија во Приштина, Јорн Роде деновиве изјави дека се потребни барем четири месеци со цел да се извршат потребните подготовки за безболно укинување на динарот.