Центарот на Битола ќе биде пешачка зона


Од центарот на Битола, според новата судија, треба да се „изгонат“ автомобилите што е можно повеќе

Со новата студија, што треба да ја усвои Советот на Општина в петок, треба да се регулира сообраќајот во наредните 20 години. Со неа ќе има повеќе еднонасочни улици и повеќе простор за пешаците и велосипедистите

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Центарот на Битола да биде пешачка зона со еднонасочни улици и да има повеќе простор за пешаци и велосипедисти, предвидува новата сообраќајна студија која Советот на Општина Битола треба да ја донесе овој петок.  

Сообраќајната студија за Битола заедно со идеен проект предвидува две варијанти како да се организира режимот на сообраќај во центарот на градот.

Во првата варијанта се предвидува ако сега приоритет имаат возила, да се даде предност на пешаците и велосипедистите. Паркингот пред Центарот за култура што граничи со Широк Сокак да биде плоштад. Улицата пред хотелот „Епинал“ да се затвори за сообраќај сѐ до зградата позната како Јат. Значи пешачењето по Широк Сокак во овој дел да не го попречуваат возила. И не само тоа – дел од улиците во центарот да прераснат во еднонасочни и да се ограничи движењето на возилата на 30 км на час.

Во вториот предлог стои да се задржат предлозите од првата варијанта и плус во еднонасочните улици да се направат по три ленти, за возила, за пешаци и за велосипедисти, со тоа што велосипедистите да се движат во спротивна насока од возилата. Широк Сокак да биде пешачка зона до раскрсниците над Саат кулата, а на улиците „Цар Самоил“ и „Борка Левата“ да нема зонско паркирање.

„Се работи за сообраќајна студија која дава насоки за регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје во наредните 20 години. Според оваа студија главниот акцент во наредниот период наместо на автомобилите треба да се стави врз пешаците и велосипедистите. Реализацијата на целата студија ќе зависи од брзината на општинските служби. И она што можеби е најприоритетно е претворањето на плоштадот ‘Гоце Делчев’ во пешачка зона“, изјави претседателот на Совет, Валентин Груевски.

Експертите од сообраќајот имаат позитивен став за новата сообраќајна студија за Битола.

„Новата сообраќајна студија е одлично идејно решение. Воведувањето на еднонасочни улици во центарот на градот стратешки значи помалку сообраќаен метеж, помалку возила, намалено загадување и бучава, повисок квалитет на живот и поголема безбедност за учесниците во сообраќајот“, ни изјави професорката на Техничкиот факултет во Битола Јасмина Буневска-Талевска, која е стручна во делот на сообраќајот.

Познавачите на состојбите велат дека уличната инфраструктура во центарот на градот е со недоволен капацитет, мала ширина без тротоари и велосипедски патеки. Улици кои не се соодветно означени со хоризонтална и вертикална сигнализација, па стануваат небезбедни за движење на пешаци и нефункционални за движење на возила и транспорт на товар.

Во исто време во Битола има голем пораст на бројот на возила (25.000) застарен возен парк кој влијае на загадувањето на воздухот, мал број места за паркирање, непрописно паркирање, неатрактивен јавен превоз, такси возила кои не ја исполнуваат потребната техничка исправност и ниско ниво на култура на однесување во сообраќајот, и кај возачите, и кај пешаците, и кај велосипедистите.

Работите одат бавно на терен и нема некој посебен напредок и динамика. Од досегашните чекори во позитивна смисла е подобрено јавно осветлување, ЛЕД светилки на главните сообраќајници, подобрена хоризонтална сигнализација и парцијални решенија за подобрен пристап на пешаци на одредени места и неколку пристапни рампи на тротоари.

„Сепак ова е далеку од реалните потреби и потребни се храбри и брзи решенија во следниот период ако сакаме да видиме ефекти на среден рок“, вели Виктор Илиев од граѓанската иницијатива „Битола на точак“.

Имајќи ја предвид сериозноста на проблемите, децениската запоставеност и актуелната здравствена и економска криза потребни се не само долгорочни, туку и краткорочни решенија и подобрувања по примерот на многу европски градови, смета Илиев.

Она што Општина Битола треба да го направи е да ги изгради ветените велосипедски патеки.

„Изработени се две сообраќајки студии, едната за ул. ‘Довлеџик’ и другата за централно градско подрачје, која ќе се разгледува на следната седница на Советот. Во рамките на тие студии, влезени се и предвидените велосипедски патеки“, велат од Општина Битола. 

Во Битола нема функционери кои одат на работа со велосипед, па Илиев смета дека треба да се поттикнат вработените во јавните претпријатија да бидат пример во градов и да одат на работа со јавен превоз и на велосипед наместо со автомобил, а за оние што ќе се решат да возат автомобил да се воведи платен паркинг пред институциите.