Цените на недвижностите во регионот скокнаа за повеќе од 30 отсто

Силен скок на цените на недвижностите е присутен на пазарите во поголемите градови во регионот – во Загреб, Белград, Сараево, Бања Лука, Подгорица, пишува Јутарњи лист.
За една година цените на становите скокнаа за повеќе од 30 отсто, а по почетокот на војната во Украина и доаѓањето на голем број Руси и Украинци, цените на киријата се удвоија! Слично како во Загреб, каде за една година цените на новите станбени квадрати пораснале за 30 отсто, на околу 2.500 евра, просечната цена на стан во Белград во првиот дел од годинава изнесувала 2.565 евра. Тоа е за 35 отсто повеќе отколку пред една година.
Белграѓани најмногу пари за квадрати треба да дадат за недвижностите на Савски венец, каде што просекот го зголеми новиот контингент од комплексот „Белград на вода“, каде просечната цена е над 4.000 евра, а се искачува на повеќе од 6.000, додека најевтина била Гроцка со просечни 1.092 евра за метар квадратен.
Во Загреб становите на некои нови локации во центарот на градот се продаваа на аукции за 8.000 евра за метар квадратен, додека во една од поновите загрепски населби Врбани 3, една зграда излезе на лицитација по цена од 5.000 евра за метар квадратен.
Речиси секаде побарувачката за нови станови е поголема од понудата. Во Загреб, на пример, годишно се продаваат околу 10.000 станови, од кои околу 2.500 се нови. Боро Вујовиќ од агенцијата Оперета посочува дека цените на новите станови завршени и испорачани годинава најмногу се договарале во времето кога градежниците ја ставиле првата лопата, односно пред година-две. Купувачите тогаш најчесто и ги платиле бидејќи новите станови најчесто се купуваат со готовина. Заводот за статистика ќе ја објави цената по која денеска се продаваат новите станови во Загреб дури за година-две, кога ќе бидат завршени зградите.
Становите се купуваат и за да се изнајмуваат бидејќи цените на закупот вртоглаво пораснале по доаѓањето на голем број Руси и Украинци. Според податоците на црногорскиот МУП, во таа земја привремено или постојано престојуваат околу 13.500 руски државјани и околу 11.100 Украинци. Граѓаните на Црна Гора едвај можат да ја платат зголемената кирија бидејќи закупите станаа превисоки во однос на локалните плати, пренесува Вечерњи лист.