Цените на нафтата се зголемија за повеќе од два отсто во првата недела од новата година


На светските пазари, цените на нафтата се зголемија за повеќе од 2 проценти во првата недела од новата година, откако паднаа за повеќе од 10 проценти минатата година.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 2,2 отсто, на 78,76 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за околу 3 отсто, на 73,80 долари.

По падот за повеќе од 10 отсто минатата година, цените на нафтата пораснаа во првата недела од оваа година, а трговците најмногу ги следеа настаните на Блискиот Исток, кој се движи на работ на регионална војна.

Поради израелските воени операции во палестинскиот Појас Газа, јеменските Хути, како поддршка на Палестинците, ја попречуваат пловидбата на бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море, а САД организираа меѓународна коалиција која треба да ги заштити бродовите.

Тензиите во регионот беа засилени со убиството на палестинскиот функционер на Хамас во Либан. Во Иран, пак, во две експлозии загинаа повеќе од 80 луѓе, а Техеран најави одговор.

Данската бродска компанија „Маерск“ објави дека нема да испраќа бродови низ Црвеното Море до понатамошно известување, информирајќи ги клиентите за можни пореметувања во транспортот.

Закрепнувањето на цените „нè потсетува на ризикот што го носи со себе се поизразените тензии на Блискиот Исток“, вели Тамас Варга од ПВМ.

Нервозата на пазарите ја зголемија и протестите во Либија кои го прекинаа производството на нафтеното поле Шарара со капацитет до 300.000 барели дневно. Шарара е меѓу најголемите нафтени полиња во Либија и често е мета на политички протести.

„Извештаите во медиумите за ескалација на тензиите во Црвеното Море и целосното затворање на либиското нафтено поле Шарара поради протести повторно ги поттикнаа стравувањата од прекини во глобалното снабдување со нафта“, рече Јеап Џун Ронг од ИГ.

Цените на почетокот на неделата беа поддржани и со шпекулациите дека американската и европската централна банка наскоро би можеле да започнат со намалување на каматните стапки со цел да го поддржат економскиот раст, што би значело и поголема побарувачка за нафта.

Сепак, во втората половина од неделата тие надежи стивнаа поради зајакнувањето на инфлацијата во еврозоната во декември.

Дополнително, новите податоци покажаа дека во САД во декември бројот на вработени се зголемил повеќе од очекуваното, а се зголемиле и платите, што може да значи дека инфлацијата, а со тоа и каматните стапки на ФЕД, би можеле да останат на покачени нивоа, подолго од очекуваното.