Цените на нафтата се зголемија за осум отсто, аналитичарите сметаат дека барелот ќе чини 100 долари


 

Цените на нафтата пораснаа за цели осум отсто на отворањето на тргувањето, откако ОПЕК плус објави дека го намалува производството за 1,16 милиони барели дневно.

Фјучерсите на суровата нафта „брент“ пат скокнаа за 5,07 отсто на 83,95 долари за барел, а фјучерсите на американската „Вест Тексас интермедијт“ скокнаа за 5,17 отсто на 79,59 долари за барел.

Самоиницијативните намалувања ќе започнат во мај и ќе траат до крајот на оваа година, објави Саудиска Арабија, наведувајќи дека тоа е превентивна мерка насочена кон стабилизирање на нафтениот пазар.

Овој потег следи по одлуката на Русија да го намали производството на нафта за 500.000 барели дневно до крајот на 2023 година, според вицепремиерот Александар Новак.

Другите земји-членки, исто така, ветија соодветни намалувања, при што лидерот на ОПЕК Саудиска Арабија го намалува производството за 500.000 барели дневно, а ОАЕ за 144.000 барели дневно, меѓу другите намалувања од Кувајт, Оман, Ирак, Алжир и Казахстан.

– Планот на ОПЕК за дополнително намалување на производството би можел да ги врати цените на нафтата кон границата од 100 долари, со оглед на повторното отворање на Кина и намалувањето на производството на Русија како одмазда на западните санкции, изјави за „Си-Ен-Би-Си“ (CNBC) аналитичарката на CMC Markets, Тина Тенг.

Тенг, сепак, истакна дека намалувањето исто така може да го промени падот на инфлацијата, комплицирајќи ги одлуките за стапките на централните банки.

Во октомври минатата година нафтениот картел објави одлука за намалување на производството за два милиони барели дневно. Белата куќа тогаш соопшти дека претседателот Џо Бајден е разочаран од кратковидната одлука на ОПЕК да ги намали производствените квоти додека светот сè уште се бори со војната во Украина.

– Сепак, за разлика од намалувањето во октомври, моментумот на глобалната побарувачка на нафта се зголемува, не паѓајќи со силното закрепнување на Кина, се вели во белешката на Голдман Сакс.

Тоа би можело да ја поттикне прогнозата на Голдман за нафтата Брент за зголемување од 5 долари за барел и за цена од 95 долари за барел за декември 2023 година, се вели во белешката на инвестициската банка по изненадувачката одлука.

Аналитичарите предводени од Даан Струјвен од Голдман Сакс рекоа дека изненадувачкото намалување на производствот е „во согласност“ со доктрината на ОПЕК + за превентивно дејствување.

Во март, цените на нафтата паднаа на најниско ниво од декември 2021 година, бидејќи трговците стравуваа дека банкарскиот колапс може да го загрози глобалниот економски раст.

Нафтениот картел и неговите сојузници се обидуваат да избегнат повторување на падот од 2008 година, рече еден аналитичар.

„Тие ја гледаат втората половина од оваа година и одлучуваат дека не сакаат повторно да ја доживеат 2008 година“, рече Боб Мекнали, претседател на „Рапидан енерџи груп“, истакнувајќи дека цената на нафтата паднала од 140 на 35 долари за шест месеци таа година.

Мекнали додаде дека иако тоа не е негов основен случај, цената на нафтата би можела „да скокне на 100 долари… ако кинеската побарувачка се врати на 16 милиони барели дневно во втората половина на оваа година [и] ако руската понуда почне да опаѓа поради санкциите и тн.”