Цените на нафтата се искачија над 88 долари по воведување на ембаргото на ЕУ за Русија


 

Цените на нафтата се зголемија во понеделникот на меѓународните пазари над 88 долари, откако ЕУ воведе ембарго на руската нафта и заедно со членките на Г7 поставија лимит за нејзината цена.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладне беше повисока за 2,53 долари во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 88,10 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше за 2,40 долари поскапо, по 82,38 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, во неделата ја потврдија одлуката од октомври за намалување на производството за два милиони барели дневно, а вниманието се сврте кон ембаргото на ЕУ за руската нафта.

На полноќ стапи на сила ембаргото за нафтата што се транспортира со бродови, а паралелно членките на Г7, Австралија и ЕУ ја ограничија цената на руската нафта за 60 долари, тврдејќи дека сакаат да го намалат приходот на Русија за да ја финансира инвазијата на Украина.

Механизмот треба да функционира преку забрана на осигурениците и превозниците да даваат услуги за руската нафта.

Русија соопшти дека нема да продава нафта на земји кои ја ограничуваат нејзината цена, што може да значи значително намалена понуда на пазарот.

Цените вчера беа поддржани со олеснување на мерките за сузбивање на коронавирусот во Кина, што годинава ја забави економската активност и побарувачката на енергетски производи. Политиката на нулта толеранција кон Ковид предизвика протести во голем број кинески градови во последните денови.

„Од перспектива на ОПЕК +, секако е тешко да се направат сигурни прогнози, со оглед на таквото опкружување и постојаните промени во ситуацијата со коронавирусот во Кина, која во моментов е многу поперспективна од перспектива на побарувачката“, објаснува Крег Ерлам од ОАНДА.

ОПЕК одделно објави дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки во петокот паднала за 42 центи на 83,97 долари.