Цените на нафтата растат, трговците затечени од изјавата на Трамп

Американскиот претседател рече дека може да воведе секундарни царини од 25 до 50 отсто за купувачите на руска нафта, доколку оцени дека Москва ги поткопува неговите обиди да стави крај на војната во Украина


Цените на нафтата денеска се искачија над 73 долари на меѓународните пазари, што ја одразува загриженоста на трговците за испораките од Русија, откако американскиот претседател Доналд Трамп им се закани на купувачите на руски барели со секундарни царини.

На лондонскиот пазар по пладне цената на барелот со испорака во јуни беше за 43 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 73,19 долари. Еден барел за испорака во мај се тргуваше за 64 центи повисоко на 74,27 долари.

На американскиот пазар барелот поскапе за 47 центи, а цената му беше 68,83 долари.

На почетокот на неделата трговците беа затечени од изјавата на американскиот претседател дека може да воведе секундарни царини од 25 до 50 отсто за купувачите на руска нафта, доколку оцени дека Москва ги поткопува неговите обиди да стави крај на војната во Украина.

„Многу сум лут“, изјави Трамп за NBC News откако рускиот претседател Владимир Путин го критикуваше кредибилитетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во изјавата за новинарите подоцна, тој повтори дека Путин го разочарал, но додаде: „Мислам дека напредуваме, чекор по чекор“, рече Трамп.

Запрашан да ги коментира изјавите на американскиот претседател, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека Москва продолжува да соработува со Вашингтон. Путин останува подготвен да контактира со Трамп, додаде Песков.

„Продолжуваме да соработуваме со американската страна, пред се за градење билатерални односи кои беа сериозно нарушени во претходниот (американски) кабинет“, рече Песков.

„Работиме и на спроведување на некои идеи поврзани со решавањето на конфликтот во Украина“, додаде портпаролот на Кремљ, истакнувајќи дека „засега нема ништо конкретно што би можеле или би требало да им кажеме (на новинарите). Тоа е долгорочен процес, веројатно затоа што е сложен“.

Во вакви услови стивна нервозата на пазарите.

Се шпекулира дека станува збор за закана која Трамп нема да ја реализира.
Трговците ги следат заканите на Трамп за секундарни царини за руската и иранската нафта, но американскиот претседател посочи дека засега нема намера да ги наметнува, рече Џовани Стауново од УБС.

Се претпоставува дека Трамп нема да ја изврши заканата, го резимира пазарното расположение Тони Сајкамор од ИГ, и додава дека ако ги воведе, тоа ќе биде нов чекор кон трговска војна што ќе го забави растот на светската економија и побарувачката на нафта, 

Неколку кинески трговци во понеделникот изјавија дека не се премногу загрижени од најновата закана на американскиот претседател. Трамп постојано тетерави на работ на бездната, па неговите зборови немаат голема тежина, изјавија трите лица за Ројтерс.

Цените беа поддржани и од застојот на преговорите за продолжување на извозот на нафта од Ирачки Курдистан поради несогласувањата околу плаќањата и договорите, изјавија за Ројтерс два извори запознаени со ова прашање.

Поради верскиот празник во муслиманскиот свет, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во петокот не ја објави цената на барел кошничка нафта на нејзините членки. Во четвртокот неговата цена беше 76,11 долари.