Цените на нафтата пораснаа, ФЕД во фокусот
Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари и достигнаа 79 долари поради бранот шпекулации дека американската централна банка би можела да ги намали трошоците за задолжување на почетокот на есента, што ќе ја стимулира економската активност и побарувачката за енергетски производи.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше повисока за 56 центи отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 78,97 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 63 центи поскапо, по цена од 74,70 долари.
Трговците внимателно ги следат податоците од американската економија за да проценат кога централната банка би можела да ги намали трошоците за задолжување и да го намали притисокот врз активноста и побарувачката на енергија.
Забавувањето на вработеноста во приватниот сектор во мај ги поттикна шпекулациите дека ФЕД може да ги намали каматните стапки во септември, а уделот на економистите кои „гласаа“ за таа временска рамка во анкетата на Ројтерс достигна 66 отсто.
Шпекулациите за пониски трошоци за задолжување во САД на почетокот на есента ја засенија најавата на водечките производители дека благо ќе ја зголемат понудата кон крајот на годината.
Од крајот на 2022 година, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници ја намалуваат понудата за 5,86 милиони барели дневно, што е еквивалентно на околу 5,7 отсто од глобалната побарувачка. Во неделата го продолжија за една година, до крајот на 2025 година, договорот со кој се предвидува намалување на понудата за 3,66 милиони барели дневно.
Останатите 2,2 милиони барели дневно ќе бидат исклучени од пазарот до крајот на септември, соопшти групацијата, додавајќи дека планот е етапно да се враќаат до крајот на септември следната година.