Цените на горивата зимава може да бидат многу ниски. За сѐ е виновна една држава


Горивата, дизелот и бензините се најевтини во изминатите три години. Се поставува прашањето какви цени нѐ очекуваат во наредните месеци и што стои зад намалувањето на цената, пишуваа во средата германските медиуми.

Цените на бензинските пумпи сè повеќе се намалуваат, што секако радува многу возачи на автомобили, а клучна причина за тоа е зајакнувањето на еврото.

Придобивките од неговото зајакнување се големи – во април за едно евро можевте да добиете 1,06 долари, а денес е 1,11 долари, што го поевтини увозот на нафта што се плаќа во таа валута, пишува Тагесшау.

Двата главни типа нафта, WTI Crude (од американскиот пазар) и Brent, која се извлекува во Северното Море, веќе ги достигнаа своите највисоки годишни вредности во април, а по највисокото ниво во јули, цените беа под значителен притисок. Од почетокот на септември нивниот пад се забрза, па минатата недела цената на Брент падна под 70 долари за барел – првпат од крајот на 2021 година.

Експертите го објаснуваат значителниот пад на цената на суровата нафта со тоа што се намалени изгледите за побарувачка за неа на светскиот пазар. Прогнозата на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) на почетокот на годината претпоставуваше дека глобалната побарувачка за нафта во 2024 година ќе се зголеми за 1,2 милиони барели дневно, а сега таа е намалена на само 900.000 барели нафта дневно.

Кина игра клучна улога во побарувачката
Експертите го припишуваат падот на цените и на Кина. Лошата економска состојба во таа земја директно влијае на побарувачката на нафта од која во голема мера зависи. Ослабената кинеска економија ја намали и употребата на нафта, па ИЕА неодамна прогнозираше нешто поинаква слика за таа земја, во која побарувачката падна од 700.000 барели на само 180.000 барели дневно.

Електричните возила го разнишаа балансот
Пазарот во Кина, исто така, е донекаде нарушен од електричните автомобили. Годинава се очекува нивниот број на патиштата да достигне неверојатни 40 проценти.

Со оглед на помалата побарувачка на главниот клиент, имено Кина, изненадувачки е пристапот на OPEC +. Нафтениот картел се држи до својот план за постепено поништување на доброволното намалување на производството од 2,2 милиони барели дневно, кое стапи на сила на почетокот на годината.

Експерт за суровини предупредува дека ОПЕК + треба да го намали производството за да спречи прекумерно снабдување на пазарот, а не да го зголемува. Покрај тоа, земјите како Ирак и Казахстан треба да бидат охрабрени да бидат подисциплинирани во спроведувањето на договорените кратења.

Потрошувачите имаат корист
Имајќи го предвид сето горенаведено, постои ризик од прекумерна понуда на нафта на пазарот, што би можело да доведе до дополнително опаѓање на цените во наредните месеци и следната година, што значи дека допрва следуваат пониски цени на горивата.

Влијание врз американските избори
Скапото гориво има последици не само за економијата, компаниите и потрошувачите, туку и за политиката. Ниските цени традиционално ѝ даваат поддршка на владејачката партија во САД, земја каде што во ноември се одржуваат претседателски избори.

Ако цената на нафтата остане на ова ниво, тоа многу ќе ѝ помогне на Камала Харис во предизборната кампања, а ако значително порасне, тоа би било товар за партијата на власт, како прст вперен директно во неа.