Цените на гасот во Европа на највисоко ниво од есента 2023 година


Цените на гасот во Европа во понеделникот го достигнаа своето највисоко ниво за нешто повеќе од една година, со зголемена побарувачка поради ниските температури и укинувањето на ценовната граница ширум ЕУ.

На референтната холандска дигитална берза ТТФ, мегават-час гас со испорака во март утринава беше по цена од 53,9 евра, што е највисока од крајот на октомври 2023 година.

Од минатата недела цените на гасот на ТТФ се зголемија за приближно 11 отсто, а од средината на септември за дури 50 отсто. Најевтина цена лани беше во март, кога мегаватчас чинеше 29,13 евра.

Во петокот истече ценовната граница што Европската комисија ја воведе на крајот на 2022 година за да го спречи остриот пораст на цените на гасот поради санкциите кон Русија и прекинот на испораките на руски гас преку гасоводите Јамал-Европа и Северен тек 1 преку Балтичкото Море, кои беа уништени во експлозија.

Комисијата постави строги услови за нејзино активирање, па тргувањето на берзите се прекинува доколку цената на ТТФ надмине 180 евра. Ограничувањето стапува на сила и доколку цената на ТТФ е 35 долари повисока од референтната цена на течниот природен гас на светските пазари три последователни дена.

Италијанскиот министер за енергетика Жилберто Пичето Фратин на почетокот на јануари изјави дека лимитот треба да остане во сила и дека Комисијата треба да го намали плафонот за да спречи ценовен шок.

„Мислам дека ЕУ во овој момент треба повторно да воведе ценовно ограничување, но не на 180 евра, туку на 50 или 60 евра“, рече италијанскиот министер во интервју за радио на 3 јануари.

Цените на гасот беа поттикнати од силната побарувачка поради ниските температури, по две благи зими во Европа.

Во такви услови, залихите ширум ЕУ на почетокот на февруари беа полни 53,11 отсто, покажуваат податоците на ГИЕ. Пропишаното ниво е 60 проценти.

Само Холандија е под границата од 40 отсто со 37,09 отсто.