Цената на струјата нема да се зголеми, крајниот збор пак ќе го има РКЕ, уверува Бектеши

Според Законот за енергетика, РКЕ има обврска да направи надзор и да утврди дали пресметките се направени како што треба, вели министерот


 

Цената на струјата нема да се зголеми и по Нова година, уверува министерот за економија Крешник Бектеши. Тој денеска изјави дека во пресметките најважен елемент е она што ќе го презентира компанијата во државна сопственост Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ), но и одлуката на Владата на затворена седница.

Во однос на дилемата кој ќе го има последниот збор при утврдување на цената на електричната енергија, односно дали тоа ќе биде универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, или како до сега Регулаторната комисија за енергетика, Бектеши вели дека тоа секако ќе биде РКЕ, за што, како што посочи, ако треба Министерството за економија ќе даде и писмено толкување на одредбите на Законот за енергетика.

„Никако нема да има поголема цена на струјата“, изјави денес Бектеши, одговарајќи на прашања на новинарите.

Во однос на прашањето кој сепак ќе го има последниот збор, „ЕВН Хоум“ или РКЕ, тој рече дека тоа е предвидено со Законот за енергетика, според кој РКЕ има обврска да направи надзор и да утврди дали пресметките се направени како што треба.

„Со последните измени на Законот за енергетика граѓаните знаат дека имаме воведено универзален снабдувач на кој рокот му истекува наредната година, а постапката за избор на универзален снабдувач веќе е започната и кон почетокот на наредната година ќе има нов. Се надеваме дека тој ќе понуди помали маржи согласно конкуренцијата која ја има“, рече Бектеши.

Тој додаде дека и од 1 јануари ќе биде истиот тарифен систем според кој надзорот го има РКЕ согласно пресметките што ги прават енергетските компании.

На прашањето дали Регулаторната комисија ќе може да интервенира во цената, Бектеши одговори: „Согласно став 5 од членот 10, секако дека ќе има право, ако се утврди дека пресметките не се направени како што треба“.

Вчера, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски изјави дека надлежноста на регулаторот ќе биде да направи проверка, но остана да виси прашањето дали ќе може и да интервенира.

„Регулаторот е да регулира тарифи за пренос и дистрибуција. Ќе ја објави ЕВН хоум , а претходно ќе ја контролира РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи“, рече Бислимоски.

На директното прашање, кој сепак ќе го има последниот збор, Бектеши рече дека законот за енергетика е во надлежност на Министерството за економија, и според толкувањето на Министерството крајниот збор го има РКЕ.

„Ако треба и писмено тоа ќе го направиме кон РКЕ бидејќи надзор врз начинот како се реализира и како се применува Законот за енергетика го прави Министерството за економија“, рече Бектеши.

Ингеренциите на ЕВН, според Бектеши се повеќе процедурални, технички, односно наместо РКЕ да направи пресметки, тоа ќе прави универзалниот снабдувач и ќе ги достави до Регулаторната комисија која треба да ги потврди или може да ги одбие.

Инаку, постапката за избор на нов универзален снабдувач е во тек.

Бектеши вели дека Генералниот секретаријат при Владата веќе формира комисија која работи на спецификацијата на тендерската документација и во која има вклучено и членови од МАНУ.

„Претседателот на комисијата е член на МАНУ и секако тоа е работа на комисијата, согласно роковите кои ги имаат се со цел да не останеме без универзален снабдувач“, рече Бектеши.

Во однос на дилемата дали со новините законски измени всушност се воспоставува монопол од страна универзалниот снабдувач при утврдување на цената на електричната енергија, Бектеши вели дека кога се зборува за монопол, нашата земја самата одлучи да има регулирана цена во делот на електричната енергија.

„Кога зборуваме за регулирана цена, зборуваме се со цел да ги заштитиме домаќинствата и малите потрошувачи. Спротивното ќе беше да одиме на берза и да имаме пазарни цени кои моментално не се под цените кои ЕСМ ги нуди на универзалниот снабдувач, односно се двојно повисоки  од она што ЕСМ го нуди кон крајните потрошувачи“, рече Бектеши.

Тој посочи и дека цената на електричната енергија нема да се зголеми и во делот на блок тарифите и во целина.

„Моментално се прават анализи од страна на РКЕ и од надлежните институции и во делот на блоковите бидејќи сакаме се повеќе да ги заштитиме ранливите категории граѓани, тие кои штедат и оние кои се опфатени од страна министерството за труд и социјална политика“, рече Бектеши.

Според него, врз цената на струјата моментално не влијае ниту бугарската такса за природен гас. Влијанието на бугарската такса врз цената на електричната енергија речиси е нула, заради тоа што ЕСМ, како што објасни Бектеши, освен за топлинската енергија, за производство на електрична енергија не користи природен гас за потребите на регулираниот пазар.

„Генерално, речиси 50 отсто од потребите на природен гас се користат од страна на ТЕ-ТО, компанија која работи на слободниот пазар, а не како претходно кога со одлука на Владата му даваше на ЕСМ електрична енергија со утврдена цена. Таа во моментов струјата ја продава на слободниот пазар, а не за потребите на домаќинствата и за потребите на малите потрошувачи“, вели Бектеши додавајќи дека ЕСМ ги покрива потребите на домаќинствата и на микро и малите компании преку сопственото производство каде што природниот гас речиси нема никаква улога.

„Кога се утврдува цена на електричната енергија генерално, најважен инпут е цената која ЕСМ ќе ја даде кон универзалниот снабдувач. Таа цена два пати годишно ја утврдува Владата на затворена седница која може да влијае колку ќе биде цената за потрошувачите“, вели Бектеши.

Со последните измени универзалниот снабдувач во тендерска постапка конкурира за профитна маржа која ќе ја има за следните пет години. Моментално е нешто над 11 отсто согласно тендерот што беше пред 5 години

Бектеши очекува за наредниот период маржата да биде под 11 отсто имајќи ги предвид сите влезни параметри.

„Ние не можеме да влијаеме само во делот на маржата што се добива во тендерска постапка од универзалниот снабдувач. Дали тоа ќе биде 10, 11, 12 отсто или пак девет или осум, тоа ќе зависи од понудите кои ќе бидат добиени наредната година“, вели Бектеши.

Бектеши појасни и дека кога станува збор за намалување на субвенциите за електрична енергија всушност тоа се однесува на зголемување на ефикасноста на ЕСМ и за намалување на  производствените трошоци во однос на минатата година поради цената на јагленот, природниот гас во делот на топлинската енергија, цената на механизацијата и слично.

„Тие трошоци треба да бидат намалени за да се намали производствената цена на ЕСМ. Преку намалување на производствената цена ќе се намалат и субвенциите што ги имаме кон граѓаните бидејќи разликата за субвенционирање ќе биде помала од претходно. Но, во делот на директните субвенции и помошта која се дава кон граѓаните ќе се направи спротивното. И од страна на министерството за труд и социјална политика и од страна на министерството за економија  ќе има проширување на опфатот на граѓаните кои ќе добијат директна помош од државата за потребите кои ги имаат за електрична енергија“, рече Бектеши. (М.Ј.)