Целиот список на новите имиња на улиците во Скопје – „Водњанска“ си го враќа името


Фото: Б. Грданоски

Откако три години речиси ништо не се направи околу враќањето барем на некои од имињата на улиците во Скопје, со кои претходната власт направи идеолошко и идентитетско свртување, последниве неколку месеци градските власти решија да го остварат она што го ветуваа во кампањата за локалните избори.

Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за имињата на 485 улици во градот. Според објаснувањата на Градот, најголем дел од овие улици досега биле именувани со број или биле именувани како краци на други поголеми улици. 

Еве го целиот список со предложените нови имиња.

Но некои од улиците си ги враќаат старите имиња преку кои беа познати повеќе децении, а новите не беа прифатени во јавноста. Така, една од најпознатите улици во Скопје, „Водњанска“, го враќа старото име, кое пред неколку години беше променето во „Мајка Тереза“. До денеска сите скопјани таа улица и натаму ја нарекуваа „Водњанска“. Или „Ленинова“ која беше прекрстена во „Аминта Трети“ или „Железничка“ во „Јордан Мијалков“. И тие две улици си го враќаат старото име.

Најголемиот интетелктуален ум на Македонија, Блаже Конески, добива булевар во центарот на градот, кој досега се викаше „ВМРО“. Улица добива и големиот писател Славко Јаневски, кој неоправдано беше лустриран. Мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“ ќе се вика „Вера Ацева“, а новиот мост што се гради во Аеродром кај булеварот „АСНОМ“ ќе го носи името на командантот на македонската војска во Втората светска војна, генерал Михајло Апостолски.

Најголем дел од предлозите за нови имиња на улиците се предлози со кои ќе се именуваат краците на улиците „Тодор Чанго“, „Ѓорѓи Капчев“, „Христо Татарчев“, „Бутелска“, „Скупи“… Исто така, многу улици кои досега биле нумерирани со број ќе добијат имиња. (Н.В.)