Царовска: Има предизвици во образованието, но ќе ги надминеме во òд
Министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски и претседателот на СОНК, Јаким Неделков денес ги посетија општинските основни училишта „Дане Крапчев” и „Крсте Мисирков” во населба Маџари.
Во овие две училишта ќе се одвива настава од 1-3 одделение со физичко присуство, а во погорните одделенија преку онлајн платформата.
„Од она што можев да го видам и двете училишта се подготвени да ја започнат учебната година на двата начина. Сите мерки и протоколи за следење на настава на учениците во училница се исполнети. Направени се потребните обележувања, набавени се потребните термометри и средства за дезинфекција, а клупите се поставени на потребното растојание. Што се однесува на онлајн платформата во моментот тече нејзино тестирање и оптоварување со што поголем број на корисници, не само во овие две училиште, туку и во основните и средните училишта низ цела држава. Тестирањата продолжуваат до први октомври кога е и официјалниот старт на годината во услови поразлични од досега, односно во услови на пандемија. Во тест фазата се детектираат и веднаш се надминуваат сите предизвици. Би сакала да напоменам дека за прв пат во државата воспоставуваме вака гломазен онлајн систем и тоа го правиме за исклучително краток рок. Нема да биде се совршено и беспрекорно, но проблемите ќе ги надминуваме во òд за што очекувам разбирање, поддршка и соработка од родителите, наставниците и од учениците”, рече Царовска.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека Гази Баба ги подготви за настава сите училишта во услови на пандемија.
„Општината набавува 350 компјутери со искористување на заштедите од блок дотациите наменети за плаќање на комуналните трошоци на училиштата. Исто така, обезбедивме таблети како донација за децата кои немаат уреди за следење на онлајн настава”, рече Георгиевски.
За претседателот на СОНК Јаким Неделков, општина Гази Баба треба да е добар пример за останатите општини како треба да се организираат за одвивањето на наставата.
„Општината максимално вложила во инфраструктурата и обезбедувањето технички помагала неопходни за редовно одвивање на онлајн наставата. Ова е добар пример и за останатите градоначалници на национално ниво, час побрзо да обезбедат компјутери, лаптопи и помагала коишто ќе се донираат на социјално загрозените ученици, со цел непречено да се одвива онлајн наставата“, изјави Неделков. Тој е оптимист дека брзо ќе се реши и прашањето за вишокот на фонд на часови на наставниците.