Царовска: Градиме социјален систем кој вистински се грижи за граѓаните


Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, присуствуваше на конференцијата организирана од универзитетскиот центар во Дубровник, на тема „Социјална работа и општествени промени“. Социјалната реформа спроведена од МТСП беше посочена како позитивен пример за тоа како владата се грижи и инвестира во луѓето, соопштија од Министерството.

– Социјалната работа и силните социјални системи ги заштитуваат човековите права, поттикнуваат солидарност и хуманост во едно општество. На овој начин ги охрабруваме луѓето да веруваат во еден поинаков, подобар свет кој го градиме сите заедно. Со социјалната реформа градиме систем кој вистински се грижи за луѓето, а особено за децата кои се нашата иднина. Така за само три месеци им исплативме детски додаток на 20.230 деца, што е три пати повеќе во споредба со претходно, а очекуваме оваа бројка да достигне 70.000 деца, истакна Царовска.

Во август за најранливите семејства во Република Северна Македонија, како што се посочува, се исплатени 200 милиони денари, во споредба со 106 милиони пред спроведување на социјалната реформа.

Парелелно, МТСП вложува во зајкнување на професијата социјален работник. Така, почнувајќи од јунската плата во секторот социјална заштита платите се зголемени во просек за 22 отсто, односно за 4.367 денари во нето износ во просек по вработен. Во рамки на настанот се дискутираше за политичките, организациски и етички аспекти на социјалните реформи, преку призмата на еманципација и општествена трансформација, информираат од МТСП.