Царинската управа ќе го унапредува системот за управување со ризици и податочен склад со грант од Кореја

Системот за управување со ризици и податочен склад со грант од Република Кореја ќе претставува еден од темелите за економски развој на државата. Реализацијата на системот се одвива согласно планот, при што се очекува целосно да биде имплементиран до крајот на август. Модернизацијата на Царинската управа ќе придонесе за подобрување на нејзините капацитети во прибирање повисоки приходи во Буџетот и заштита на општеството. Ова беа заклучоците од денешната средба на директорот на Царинската управа Бобан Николовски со делегација на Корејската царина.
– Развојот на царинските системи за нас е динамичен процес кој го следи повеќегодишниот стратешки план за е-Царина на ЕУ. Ефикасното управување со ризикот е клучен елемент за овозможување непречено одвивање на легалната трговија, а во исто време – идентификација на нелегалните активности. Севкупно, овој проект ќе придонесе за подобра заштита на интересите на граѓаните и бизнис заедницата, преку идентификување на високоризичните пратки и навремена реакција со соодветни царински мерки, истакнал директорот на Царинската управа Николовски. Тој ја истакнал важноста од поврзаност на системот со останатите системи коишто ќе се развиваат во иднина.
Од двете страни, како што се наведува, беше истакната важноста од продлабочување на соработката се со цел зацврстување на врските помеѓу двете земји.