Цаневска: Кога вложуваме во училиштата, вложуваме во иднината на Скопје

На Денот на просветните работници, носителката на советничката листа за Град Скопје од СДСМ, Катерина Цаневска, порача дека образованието е темелот врз кој се гради напреден град и дека иднината на Скопје се создава преку училиштата, наставниците и младите луѓе, наведува СДСМ во соопштение кое МИА го пренесува интегрално.
„Денес не сме тука само да им честитаме на наставниците, туку и да зборуваме за она што е суштината на секое напредно општество – образованието. Скопје ја гради својата иднина преку училиштата, преку наставниците и преку младите кои секојдневно учат и создаваат“, изјави Цаневска.
Во рамки на програмата „Образование и можности“, Цаневска најави повеќе проекти кои го ставаат образованието во центарот на развојот на градот. Еден од клучните приоритети е изградбата на нова гимназија во Општина Аеродром, општина со над 80.000 жители, која засега нема ниту едно средно училиште од тој тип.
„Новата гимназија ќе биде современо, енергетски ефикасно и пристапно училиште, со спортска сала, социјални простори и услови за вистинско образование од 21. век“, рече Цаневска, додавајќи дека тоа ќе биде инвестиција која ќе го поддржи растот на младата популација во овој дел од градот.
Во првата фаза од програмата „Образование и можности“, фокусот ќе биде ставен на:
• реновирање и опремување на постојната училишна инфраструктура,
• модернизација на наставните методи,
• воведување нови наставни содржини,
• како и поддршка на неформалното образование преку ревитализација на Планетариумот во Младинскиот културен центар.
Цаневска најави и зголемување на поддршката за младинските иницијативи за 300%, потенцирајќи дека младите не се само иднината, туку и сегашноста на градот.
„Во следната етапа ќе воспоставиме мрежа на младински центри во сите општини на Скопје, каде што младите ќе можат да се развиваат, поврзуваат и креираат заеднички проекти. Ќе развиваме партнерства меѓу училиштата и локалниот бизнис сектор, за наставата да се поврзе со реалниот живот преку менторски програми, практична обука и кариерно насочување“, објасни таа.
Во долгорочната рамка на програмата, визијата предвидува дигитална трансформација на наставата, изградба на нови училишта во брзорастечки населби и создавање на програмата „Млад граѓанин“, преку која младите ќе имаат активно учество во процесите на одлучување и креирање на градските политики.
„Кога вложуваме во училиштата, вложуваме во поконкурентна економија, во повисок квалитет на живот, во култура и во заедница што дише подобро и живее подобро“, истакна Цаневска.
Таа додаде дека 5 октомври е ден кога треба да им се оддаде признание на наставниците – „срцето на градот“ – но и ден кога сите треба да се обврзат дека ќе продолжат да создаваат град кој го вреднува нивниот труд и обезбедува еднакви можности за секое дете, без разлика каде живее.
„Скопје што вложува во своите училишта и ученици – вложува во сопствената иднина“, заврши Цаневска.