„Бушава азбука“ доби мурал во Дебар Маало – нѐ потсетува на детството, на знаењето, на љубопитноста

Генерации деца израснаа со неповторливата „Бушава азбука“ од 1985 година, на режисерот Слободан Унковски и драматургот Горан Стефановски


Во срцето на Дебар Маало, центарци добија нов уметнички мурал посветен на легендарната детска емисија ,,Бушава азбука”, создаден по повод 40 години од првото емитување на овој едукативен серијал.
Автори на муралот се уметниците Драган Китановски Драш и Мирослав Грчев Микс, двајца истакнати креативци кои зад себе имаат децении визуелна и културна работа.

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека муралот е дел од континуираната заложба на општината да го разубавува јавниот простор преку уметност, како што тоа го прават многу светски метрополи.

„Проектот е поддржан од Општина Центар, како дел од програмата за развој културата. Муралот е избран преку јавен повик, со што уште еднаш покажуваме дека транспарентно го поддржуваме домашниот уметнички потенцијал. Муралот нѐ потсетува на детството, на знаењето, на љубопитноста”, вели Герасимовски.

Свеченото отворање на муралот ќе се одржи на 31 август, кога симболично започнува и одбележувањето на четири децении Бушава азбука, проект кој остави трајна вредност во македонската култура.

Генерации деца израснаа со неповторливата „Бушава азбука“. Серијата од 1985 година на режисерот Слободан Унковски и драматургот Горан Стефановски, во продукција на Македонската радио телевизија (МРТ), беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм, актерска игра.

Серијата беше снимена по истоимената книга за која илустрациите ги направи карикатуристот Душан Петричиќ. Во серијата пак, ќе остане запаметена музиката на „Леб и сол“ и вокалот Ана Костовска, и секако врвната актерска екипа составена од имиња како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.

 

Повеќе од 30 години подоцна, во 2019 година, на сцената настапува Гоце Митевски. Гоце е дизајнер и софтверски инженер со повеќе од дванаесетгодишно искуство во изработка на визуелни дизајни и сеопфатни кориснички искуства за печатени и електронски медиуми. Благодарение на него, сега имаме дигитализирана верзија на славната книга „Бушава азбука“.

„Ја дигитализирав ‘Бушава азбука’ во чест на Горан Стефановски и Душан Петричиќ“, вака Гоце ја сподели радосната вест на социјалните мрежи.