Бујаре Абази поднесе оставка од советничкото место во Град Скопје


Досегашната советничка во советот на Град Скопје Бујаре Абази, од денеска не е повеќе на таа функција, откако била назначена за член на Управниот одбор во АД „Македонски пошти“.

На денешната седница, Советот ја констатира нејзината оставка, која беше поднесена поради неспоивост на двете функции. Бујаре Абази беше советничка од редовите на Алијанса за Албанците, а кусо време беше и заменичка на градоначалничката, назначена од Данела Арсовска, но поднесе оставка и на оваа функција. Причина за оставката беа директорските места што Арсовска ги додели во јавните претпријатија, на кадри од ДУИ.

„Целата јавност беше сведок како Арсовска им даваше власт на структури кои со години им нанесуваат тешка штета на Албанците воопшто и на скопјани особено. Поради овие причини и тие наведени на почетокот, сакам да ја информирам јавноста дека денеска поднесувам оставка од функцијата заменик-градоначалник на Град Скопје и дека актуелното раководство нема да ја има нашата поддршка“, изјави тогаш Абази.

Од Градот изразија жалење што Абази партиските интереси ги ставила пред интересите на граѓаните.