Бујар Османи: Мицкоски е албанофоб, Чаир ќе биде оаза на соживотот


Не беше изненадување за мене, и мислам дека Мицкоски ќе продолжи со таков говор, со такви изрази, бидејќи Мицкоски по природа е албанофоб.

Ова го изјави кандидатот за општина Чаир од редовите на коалицијата НАИ, Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со последните изјави на премиерот Мицкоски за елиминацијата на ДУИ од политичката сцена.

„Тој ги мрази Албанците, тоа го гледате по начинот на кој зборува, по неговото однесување. Во неговиот тим нема ниту еден Албанец во кабинетот. Кога патува надвор од државата, не зема ниту еден Албанец. Го укина балансерот, затоа што не сака да ги гледа Албанците во институциите. Го укина албанскиот јазик, бидејќи му пречи. Верувам дека ако има писмо на албански јазик, тој дури го кине. И тоа е неговата природа, и тоа е посилно од него. Но, она што навистина ме боли е што неговата омраза кон Албанците се проектира врз граѓаните на Северна Македонија. А ние тука, во ова мултиетничко државно уредување, го имаме соживотот како најважен столб и мора да го чуваме како очите на челото“, рече Османи.

Османи се обврза дека таа омраза нема да ги мине ѕидовите на Чаир. Затоа што, како што рече, Чаир ќе го претворам во оаза на заедништво, каде луѓето ќе се почитуваат.

„Ќе создадам фонд за праведно претставување на сите заедници. Во општината ќе оформам оддел за заштита на службените јазици, за босанскиот, турскиот, зошто да не и за ромскиот. И ќе ја чуваме и браниме Охридската рамковна спогодба, додека повторно не се прошири на целата територија“, заврши Османи.