Бујар Османи ќе ја враќа автентичноста на Старата чаршија

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, пред мајсторите и занаетчиите од Старата скопска чаршија ги претстави своите предлог-мерки за зачувување и развој на занаетчиството како столбот на културното и историското наследство на градот.
„Старата чаршија е душата на Скопје, жив споменик на историјата, културата и традицијата. Но нејзината иднина зависи од луѓето кои ја одржуваат оваа традиција жива. Нашата цел е да и се врати историскиот дух и автентичниот имиџ, да се спречи исчезнувањето на занаетите и да се создадат услови тие да продолжат да живеат,“ изјави Османи.
Во рамките на оваа визија, тој најави низа мерки кои ќе ја оживеат Чаршијата и ќе и дадат нова енергија:
– Програма „Мајстор и ученик“: субвенции за мајстори кои ќе обучуваат млади; стипендии за чираци и признание за секој мајстор што пренесува знаење.
– Грант-фонд за занаетчии: средства за алати, суровини, опрема и поправки, како и субвенции за комуналии и закуп на дуќани во историската зона.
– „Доживеј ја чаршијата“, занаетчиски денови: месечни настани со отворени работилници, интерактивни изработки и автентично искуство за посетителите.
– Дигитална и туристичка промоција: онлајн платформа со ознака „Изработено во Чаршијата“, како и поддршка за настапи на саеми, изложби и туристички програми.
– Урбана интеграција: вградување традиционални мотиви во јавни простори и реконструкции, за Чаршијата да биде уште повидлива во модерниот живот на градот.
„Општината ќе застане зад занаетчиите и секој млад човек кој сака да научи занает, затоа што тие се чуварите на ова наследство. Туристите не доаѓаат овде по брза храна, туку по историскиот карактер што ја прави Чаршијата единствена,“ порача Османи.
Тој додаде дека Чаршијата ќе оживее пред очите на јавноста: „Посетителите ќе можат да влезат во работилници, да гледаат како се изработува бакар, чевли, резба или ткаенина. Ќе учествуваат, ќе купуваат, ќе учат. Ќе создадеме вистинско доживување од работата на занаетчиите. Ова ќе биде туристичка понуда број еден.“
Со оваа програма, Османи ја најави својата посветеност да ја врати Чаршијата таму каде што припаѓа – во срцето на Скопје и на мапата како најголем културен, економски и туристички бренд на регионот.Инаку, со Ќаршијата досега раководеа градоначалници на ДУИ и нејзината автентичност загуби најмногу од нивните амбиции да ја прават политички центар место да си остане културен споменик, почнувајќи од статуата на Скендербег па до гломазниот неавтентичен плоштад кој го нагрди просторот.