Бујар Османи ја поздрави поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за уставните промени


 
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја поздрави одлуката на ВМРО-ДПМНЕ, пренесена преку изјава на нејзиниот претседател, за подршка на уставните измени. Ваков поздрав до Христијан Мицкоски Османи му прати преку Фејсбук.
 
„Со ова одлука влегуваме во квалитативно нова фаза на овој процес. Од таа дали треба во фаза како да изгледаат тие. Со ова се исполнети условите да се формира инклузивна комисија за уставни измени која ќе ги формулира амандманите. Убедени сме дека во еден таков инклузивен процес ќе се утврди дека со вклучување, а не преку исклучување на заедниците, нашата заедничка држава ќе биде по сплотена, по хармонична и поевропска“, го пренесе Османи ставот на ДУИ.
 
На која изјава на Мицкоски мисли Османи, т.е. ДУИ не е јасно, но она што е видливо изминатите денови е дека се пуштаат предлози за уставни измени од страна на ВМРО-ДПМНЕ замаскирани во политички условувања, со кои си отвораат пат да станат дел од процесот на договарање на промената на Уставот. Што добиле за возврат ќе се знае натаму. 
 
За денес беше најавено и формирањето на експертската група која ќе ги формулира амандманите за Уставот, а минатата недела министерот за правда Кренар Лога порача дека нема да чекаат на ВМРО-ДПМНЕ бесконечно и дека со нив или без ќе почнат со работа.
 
Според извори на „Слободен печат“ во  експертскиот тим, неофицијално, ќе бидат професорката по уставно право и поранешна министерка за правда Рената Дескоска, академикот Владо Камбовски, поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца-Николовска, професорката по уставно право Беса Арифи и Александар Спасов, советник по уставни прашања од Кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски. Професорот по уставно право Светомир Шкариќ ќе биде ангажиран како дополнителен „филтер“, а составот се очекува да се официјализира до средината месецов.
 
Додека партиите лицитираат со предлози и ја иритираат јавноста, од  СДСМ порачаа дека  експертите нема да разгледуваат иницијативи за промени дадени на прес-конференции туку само од нивните преставници во работните тела.
 

„Ве информираме дека и покрај испратениот допис до ВМРО-ДПМНЕ да предложат свој претставник во работната група за подготовка на нов Изборен законик како и поканата претседателот на работната група да биде нивен предлог, досега до Министерството за правда нема пристигнато никаков одговор, ниту позитивен ниту негативен. За ова се известени сите меѓународни фактори и организации“, се наведува во соопштението на Министерството за правда.

Од Министерството посочуваат дека таботната група која ќе треба да го подготви новиот Изборен законик ќе се формира во најкус можен рок.

„Министерството за правда смета дека во нејзината работа треба  да учествува и ВМРО-ДПМНЕ“, се додава во соопштението. Министерството за правда, пак, попладнево соопшти дека сѐ уште не добиле никаков одговор од ВМРО-ДПМНЕ на повикот за нивно учество во работната група за подготовка на новиот  Изборен законик. (Н.В.)