Бугарско бескрајно изборно пропаѓање
Само во Данска пред 100 години имало волку многу избори за малку месеци, како овие пет во Бугарија за две години.
На почетокот на април во Бугарија ќе се одржат петти парламентарни избори за помалку од две години. Ниту Израел, со ист број на избори но за четири години, или Шпанија со четири избори во четири години, не се блиску до фреквенцијата со која Бугарите се повикуваат на гласање. Најблискиот европски преседан се случи пред повеќе од 100 години, кога Данска одржа три парламентарни избори за помалку од пет месеци. Како Бугарија успеа да стигне до тука – и што значи тоа за функционирањето на демократијата во земјата?
На првите (редовни) парламентарни избори во април 2021 година победи тогашната актуелна партија Граѓаните за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), во коалиција со традиционално антикомунистичкиот Сојуз на демократски сили (СДС). Со оглед на противењето на сите парламентарни партии да соработуваат со ГЕРБ, поради поларизирачкиот карактер на нејзиниот лидер Бојко Борисов, влада не можеше да се формира и во јули истата година се одржаа нови предвремени парламентарни избори. Ова беше јасен доказ дека од тој момент партиската конкуренција ќе биде одредена од ставовите на партиите кон владејачката ГЕРБ.
Гласачите потоа ги освои една сосема нова политичка партија (популистичката Има таков народ – ИТН), инаку постојана карактеристика на бугарскиот партиски систем. Инсистирајќи да владее сам, ИТН исто така не успеа да формира влада.
Победата на следните парламентарни избори одржани – заедно со оние за претседател – во ноември 2021 година ја доби друга формациска партија, Промените продолжуваат (ПП), формирана на само помалку од два месеци пред изборите од двајца популарни министри задолжени за економија (Кирил Петров) и финансии (Асен Василев) во претходната преодна влада. Тие навистина успеаја да формираат влада по само еден месец, но коалицијата, која ги собра ПП, Бугарската социјалистичка партија, популистичката ИТН и сојузот наречен Демократска Бугарија, беше толку идеолошки хетерогена што пропадна при првото гласање за недоверба во бугарската историја за помалку од осум месеци. Како резултат на тоа, четвртите парламентарни избори беа закажани за октомври 2022 година.
Исходот не се разликуваше многу од сите претходни изборни натпревари. Како и во април претходната година, изборната коалиција ГЕРБ-СДС победи, но ниту еден од политичките табори не доби доволно пратенички места за да состави парламентарно мнозинство. Овој пат ниту една технократска влада не беше доволно привлечна за да ги мотивира да соработуваат.
Партиите не се единствените губитници во сегашната ситуација, туку и граѓаните. Довербата во политичките партии значајно се намали. Во извештајот објавен на крајот на септември лани, недовербата на граѓаните кон политичките партии надмина 80 отсто. Ова секако се одрази на способноста на партиите да ги претставуваат гласачите и да ги мобилизираат.
Како резултат на тоа, за време на минатите октомвриски парламентарни избори одѕивот на гласачите го допре дното, со само 39 отсто од гласачите кои излегоа на гласање, што е најниско од првите слободни и фер избори во јуни 1990 година. И, ова ветува дека ќе биде константа и во на претстојните избори каде предвидената излезност е само 40,7 отсто.
Неодамнешните промени во изборните правила во врска со начинот на кој граѓаните ќе го дадат својот глас (на пример, ексклузивна употреба на машини или, исто така, хартиени гласачки ливчиња) и како ќе се пребројуваат гласовите (на пр. гласовите од хартија и од машина заедно или одделно) се очекува да донесат дополнително отуѓување, како зголемување на недовербата на граѓаните во процесот, како и доведување во прашање на легитимитетот на политичкиот систем во целина.
Граѓаните почнуваат да ги гледаат изборите како средство на политичарите да ја преземат власта и да ја поделат меѓу себе. Како што е прикажано во неодамнешниот документарец на националната телевизија, моменталната ситуација е „неизвесна, неправедна и тешка за предвидување“, како што „никогаш не била“, терајќи ги гласачите да се прашуваат дали ова „навистина ќе биде последното гласање“.
Парадоксално, Бугарите претежно сè уште веруваат дека демократијата е најдобрата форма на владеење. Ова не значи дека ако партиите продолжат да им даваат приоритет на нивните интереси пред општото добро, работите нема брзо да се променат.
Во истиот документарец еден од интервјуираните изјави: „Не беше толку лошо ни во времето на Тодор Живков [35-годишниот комунистички диктатор на Бугарија]“.
Петицијата на ИТН за референдум за воведување претседателски режим во турски стил е уште еден знак за опасна тенденција: носталгијата кон владеењето на цврста рака. Спротивно на она што традиционално го тврдат политиколози, во Бугарија партиите не се неизбежно поврзани со претставничката демократија: Бугарите ги мразат партиите, но ја сакаат демократијата. Уште колку долго може да трае моменталната состојба – можеби е само прашање на време. (ЕУ Обсервер)