Бугарските лекари веќе немаат сили, рекорден број починати – 221


Додека стапките на смртност од корона вирус се искачија на рекордно ниво во Бугарија, лекарите и медицинските сестри во здравствената служба веќе ослабени со децениската емиграција на Запад велат дека се исцрпени.

„Погледнете ја нашата медицинска сестра овде, таа беше позитивна, имаше висока температура… и сега се врати на работа“, рече Александар Станоевски, анестезиолог на одделот за интензивна нега во „Света Ана“, една од најголемите болници во Софија.

„Персоналот е целосно исцрпен. На многумина им е преку глава, но ние мора да продолжиме“, рече Станоевски на почетокот на уште една 12-часовна смена, целосно облечен во заштитна облека.

Бран на инфекции ги преплави болниците во најсиромашната земја на Европската унија оваа есен, со зголемување на пациентите речиси три пати во ноември – на 6.869.

Бугарија бележи речиси 4.000 нови случаи дневно досега во текот на овој месец. Во понеделникот (30 ноември), таа имаше највисока кумулативна стапка на смртност по глава на жител од 24,1 на 100.000 во текот на последните две недели. И во вторникот го регистрираше својот најголем број на жртви за еден ден – 221 починати.

Здравствениот систем на поранешната комунистичка земја, недоволно финансиран и со мал персонал, забележал 5.800 медицински лица заразени на работа, со 2.000 позитивни во моментов, од вкупно 52.000.

Околу 1.000 медицински сестри и други медицински професионалци ја напуштаат земјата секоја година во потрага по подобра плата и услови, вели Бугарското здружение на здравствени професионалци. Така прават и многу дипломирани студенти од медицински универзитети.

Околу 60 отсто од бугарските лекари и медицински сестри имаат над 51 година, што ги прави поранливи на вирусот.

„Притисокот не е човечки. Медицинскиот персонал е презаситен и уморен. Ако 10 пациенти се опорават и заминат, уште 20 чекаат да бидат примени“, рече портпаролот на „Света Ана“, Антон Луков.

Волонтерите се бараат во болниците низ целата земја. На почетокот на овој месец, неколку политичари со медицинска диплома доброволно се пријавија во болницата во градот Свиштов на Дунав, откако таму медицинскиот персонал беше позитивен.

Повиците за итна помош во Софија се зголемија и некои Бугари паника купуваа лекови како што се антибиотици и разредувачи на крв.

Властите и лекарите се надеваат дека одлуката за затворање на училиштата, трговските центри и рестораните за три недели ќе го намали притисокот врз болниците и персоналот.

„Треба да бидеме построги за да можеме да ја запреме пандемијата и да започнеме да управуваме со неа, бидејќи во моментов е како шумски пожар“, рече Александар Симитчиев, лекар за белодробни заболувања во Медицинскиот институт на Министерството за внатрешни работи. „Беснее навистина брзо и колку побрзо се развива, станува помалку предвидливо“, рече тој. (Ројтерс)