Бугарските клубови во цајтнот, ќе се прекрстат или ќе ги избришат?

Од Централниот регистар велат дека охридскиот клуб најавил дека ќе го смени името и дека веќе ги поднел потребните документи


 

Утре истекува рокот од три месеци во кој бугарските здруженија требаше да се усогласат со Законот за здруженија и фондации – или ќе бидат избришани од Централниот регистар. 

Според новите одредби на овој Законот, ако сакаат да продолжат со работа, здруженијата мора да ги изменат имињата, затоа што не смеат да предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам или се поврзуваат со Третиот рајх. Ако здруженијата кои имаат имиња што се косат со одредбите во законот не направат усогласување, односно преименување, министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на законот (до 16 март), по претходно негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња, и врз таа основа Централниот регистар треба ги избрише.

Од Централниот регистар велат дека охридското здружение „Цар Борис“ најавило дека ќе го смени името и дека веќе ги поднело потребните документи за да се усогласи со измените на Законот за здруженија и фондации, но такво нешто нема од битолското здружение „Иван Михајлов“ кое досега не поднело никакво барање. Првиот човек на клубот „Иван Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски за Дојче Веле изјави дека нема намера да го менува името на клубот и ќе ги искористат сите правни алатки за да ги остварат нивните права, па ако треба ќе ја тужат и државата во Стразбур.

Клубот „Цар Борис III“ беше отворен лани во октомври, а за време на отварањето имаше протести на револтирани граѓани. Набрзо по отварањето клубот беше каменуван, па во него беше пукано, а сторителите на овие напади досега не се откриени.

Битолскиот клуб „Иван Михајлов“ беше отворен лани во април во присуство на целиот бугарски државен врв, на чело со тогашниот премиер Кирил Петков.

Паралелно денес во МНР почна средбата на министерот Бујар Османи со претставниците на бугарската заедница кои неодамна беа на средба во Брисел со еврокомесарот Оливер Вархеи за да му се пожалат за наводната дискриминација што се прави врз бугарското малцинство во земјата, но межу нив по се изгледа не се преставниците на клубовите.