Бугарските избори – трета среќа за Македонија


Што може да се очекува од новата владеечка структура предводена од  Кирил Петков и кој всушност стои зад нив, иако се нови на политичката сцена?

Слободанка Јовановска

Бугарите излегоа по третпат на избори годинава и, по се изгледа, има шанси тие конечно да резултираат со формирање на нова влада и продолжување на преговорите со Македонија.

Откако прво ги развластија ГЕРБ и националистите, на овие избори Бугарите им свртеа грб и на таканаречените „протестни партии“, бидејќи се покажаа неспособни да ја материјализираат изборната победа на минатите избори. „Промените продолжуваат“, партија на Кирил Петков и Асен Василев на која овде во Македонија не успеавме и да и го научиме името бидејќи е штотуку формирана, на општо изненадување истрча како победник на изборите, профитирајќи од политиката што двајцата како министри во техничката влада на Стефан Јанев ја водеа изминатите месеци. Краткиот опис за нив е дека тоа се нова генерација политичари во Бугарија кои всушност не се тоа, бидејќи се бизнисмени, предузимачи, образувани во Харвард и други светски познати универзитети и без хипотеки со корупција.

Бидејќи во Бугарија одамна престанаа да се фасцинираат од странски дипломи, тоа што Петков и Василев излегоа на избори со паролата „Нула корупција“ ги доведе во ситуација да бидат први што ќе се обидат да формираат влада наредните денови. Се очекува дека во четврток Централната изборна комисија ќе ги објави конечните резултати и веднаш потоа официјално ќе почнат да течат деновите до давањето на првиот мандат за формирање влада, за што во бугарскиот устав нема рок, но откако ќе се добие ќе мора да се гласа за новиот кабинет во рок од седум денови.

Прашањето што не интересира нас е ќе добие ли Бугарија брзо нова влада или нашите надежи за добивање датум за преговори со ЕУ во декември ќе ги врземе со техничкиот кабинет на Стефан Јанев, ако е воопшто можно тоа? И, второто прашање, што може да се очекува од новата владеечка структура предводена од  Кирил Петков и кој всушност стои зад нив, иако се нови на политичката сцена?

Петков веќе излезе со став дека односите со Македонија ќе ги постави на контруктивна основа и дека нема да се закопува во историски прашања, туку преговорите ќе ги стави на поширока основа, за да изгради реално добрососедство со нашата држава. И, што е најважно, најави дека ќе ги стави на брза трака,  за да не прават веќе штета во односите на двете држави.

Првите проценки во Бугарија се дека за новата влада сепак ќе треба да се почека до јануари, но фактот дека земјата нема изгласано буџет се уште може да го забрза екстремно формирањето на новиот кабинет. Првите изјави на Петков сугерираат дека тој е уверен дека ќе успее и дека смета на тоа дека неговата влада ќе ги води преговорите со Македонија. Бројките му даваат охрабрување, бидејќи е јасен победник на изборите иако води само четири до пет проценти пред ГЕРБ, кој доби црвен картон од гласачите претходно и тешко може да направи коалиција. Исто така, за разлика од Слави Трифонов, кој победи на минатите избори но немаше авторитет ниту политичка умешност да формира влада така што практично сите го уценуваа и му ја бараа премиерската фотелја, Петков имаи искуство и кредибилитет да се наметне како прв човек на идната влада. Тоа што таканаречените „протестни партии“ изгубија сите по некој процент на овие избори им го зеде дополнително и аргументот да покажуваат големи апетити во составувањето на владата, иако генерално се оценува дека идната влада ќе зависи од ИТН на Трифонов, односно неговите гласови треба да го заокружат бројот на пратеници во Парламентот.

Очекувањата се дека ќе бидат потребни четири партии за да се формира владата, а сите во неа ги гледаат „Промените продолжуваат“, ИТН, Демократска Бугарија  и Бугарската социјалистичка партија. Ако се остварат ваквите проценки, шефот на дипломатијата можно е да дојде од Демократска Бугарија, а на тоа место се гледа Стефан Тафров, кој бил во два мандати амбасадор на Бугарија во ОН, покрај амбасадорувањето во Франција, Обединетото Кралство и  Италија. И, што е највпечатливо, тој е поранешен советник на Жељу Желев за надворешна политика додека бил на претседателската функција.

Кој стои, пак, зад „хардварската влада“ на Бугарија, е прашање поблиску до Балканот. Петков и Василев, пред да ја формираат партијата, беа именувани како технички министтри за економија и за финансии од страна на претседателот Румен Радев и во кампањата за претседател сега, што се одвиваше паралелно со парламентарната, тие агитираа за актуелниот шеф на државата. Според проценката на бугарски новинар, може слободно да се каже дека политиката на Петков кон Македонија ќе биде како што ќе каже Радев, што  значи некој континуитет со техничката влада и со политиката на актуелниот претседател. Со оглед на очекувањата Радев да победи во вториот круг, Петков ќе има стабилен терен за да ги води преговорите со нашата држава.

Сè уште сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на РСМ од бугарско потекло, тврдеше и денеска претседателот Румен Радев

Како нова надоаѓачка политичка гарнитура во Бугарија Петков, ако успее да формира влада, сепак ќе влијае и генерациски на надворешната политика. Може да се каже дека старите, советски, оптоварени, националистички и кусогледи кадри во оваа држава дефинитивно ја предаваат „палката“ на нова генерација Бугари кои пофлексибилно гледаат на односите со соседите. Тоа може да се види и во програмата на новата партија „Промените продолжуваат“ каде што стои дека Бугарија ќе го поддржува членството на сите соседи заради стабилизирање на економската и политичката ситуација во регионот и ќе се залага за постигнување „задоволително решение  за спорот со Република Северна Македонија, преку добронамерни преговори  со краен резултат – запишување на македонските Бугари заедно со другите народи во Уставот на РСМ и отстранување на навредливите дефиниции за Бугарите од наставни програми“.Генерално Петков се залага за удвојување на трговската размена со сите земји во регионот до 2025 година и за изградба на Коридорот 8 до 2030 година.

Во изјавата синоќа за бугарските медиуми, тој даде повеќе деталји како ги замислува преговорите со Македонија.

– Треба веднаш да направиме работни групи од двете земји, Бугарија и Македонија, кои ќе вклучат историчари, но и луѓе од бизнисот, од културата, од образованието, и да почнеме да разговараме не само за историја, туку за сѐ што може да постигнеме ако имаме добрососедски односи. Крајно време е да сфатиме дека не е нормално за да стигнам до Скопје да летам преку Виена, не е нормално да немаме железничка линија која нѐ поврзува, не е нормално на бугарскиот бизнис да му е полесно да продава во Австралија, отколку во Македонија… Истото важи и за нашите колеги во Македонија. Треба да почнеме да зборуваме за сите нешта од кои може да имаме полза во добрососедските односи. Треба да ги направиме работните групи, тие да имаат јасни цели и ангажман за средби, на пример, еднаш месечно. Ние треба да си ги заштитиме нашите национални интереси, тие треба да си ги заштитат нивните, но со заеднички услов – дека и двете земји може многу да постигнеме од добрососедските односи, изјави Петков.

На забелешката дека конкретно решение за Северна Македонија треба да се донесе до 14-ти декември и дека дотогаш треба да се симне ветото, Петков одговори:

– Не може да зборуваме за крајни резултати без работен процес. Ние ќе се  ангажираме и тој работен процес можеби ќе биде најголемиот приоритет на идното Министерство за надворешни работи, за да започне максимално брзо и да не губиме време. Но, не можеме да кажеме тој или оној датум без да видиме како се одвива тој процес и каков успех ќе има. Но, сакаме да започнеме со добрососедство, со добронамерност и се надеваме дека со многу конструктивен начин на водење на тие преговори ќе постигнеме многу подобри резултати од тие што имавме можност да ги видиме досега, рече Петков.

Проценката меѓу бугарските новинари е дека, колку и да брза Петков, тешко е да се очекува дека новата влада ќе даде амин за преговори на ЕУ со Македонија до декември, па пореално е  да се пренасочат надежите за идната пролет, дотолку повеќе што ни Германија се уште нема влада која би можела да ја притисне Софија за кревање на ветото. Друг факт што ја отежнува ситуацијата е што Патков е дојден од бизнисот и внимателно ќе гази во надворешната политика. Тоа што има потекло од Пловдив сепак го прави понесентиментален во однос на македонското прашање во Бугарија, а тоа што се образувал во странство и што има сопруга Канаѓанка го прави и поинтернационален. Куриозитет притоа е дека тој беше предупреден непосредно пред изборите од Уставниот суд дека не може да биде на функција во државата ако има двојно државјанство – бугарско и канадско, по што тој се откажа од второто, но на своја кожа ги почувствува двојните стандарди на Софија околу ова прашање.