Бугарските европратеници задоволни: „Го спречивме најлошото“ во резолуцијата на Европскиот парламент


Според она што го објави европратеникот на ГЕРБ, Андреј Ковачев, амандманот на  Резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија, со кој се оценува како неодговорно однесувањето на Бугарија спрема нашата држава, не бил усвоен. Во амандманот на четворица претставници на европските социјалисти и зелени, се осудуваа провокативните изјави на бугарски претставници за историски прашања. Во основа, тој амандман се однесуваше на вицепремиерот Красимир Каракачанов.

Ковачев во изјава за „Бгнес“ се пофали дека бугарските европратеници успеале да мобилизираат голема поддршка и најпосле резултатот бил 232 „за“, 353 „против“ и 97 воздржани. Против амандманот беа европратениците од Европската народна партија, а сосем веројатно и припадниците на групата Европски конзервативци и реформисти, каде е член бугарското ВМРО.

„Го спречивме најлошото. Мислам дека беше голем успех затоа што успеавме да мобилизираме толку голема поддршка за ова гласање”, рече Андреј Ковачев

„Скандалозниот амандман 77а падна во ЕП!“, објави ВМРО.

Пратениците на Бугарската социјалистичка партија исто така се спротивставиле на амандманот, но не можеле да ги убедат своите колеги да го повлечат.