Бугарскиот шеф на дипломатијата се жали во Брисел на Македонија

Бугарија изразила „растечка загриженост за континуираниот неуспех на Република Северна Македонија да ги исполни своите обврски кон Европската унија“. Тоа бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев го напишал во писмо до неговите колеги во земјите членки на ЕУ и до европските институции.
Во него, како што пишува БГНЕС, ги информирал „ за најновите обиди на Македонија да компромитира важни елементи од европскиот консензус“.
„Пакет-договорот одобрен на европско ниво во јули 2022 година останува единствениот можен пат напред за оваа земја-кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучително и целно оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Македонија.
Не е можно да се промени договорениот европски консензус или која било од неговите компоненти. Бугарија очекува соседната земја да ги исполни своите обврски со добра волја, како што самиот Европски совет постојано инсистираше.
Остануваме на мислењето дека најдоброто решение за иднината на Западен Балкан е учеството на сите држави во овој најуспешен проект наречен Европска унија. Исто така, подготвени сме да ѝ помогнеме на Македонија да го следи својот европски пат во процесот на реформи, во случај членството во Обединета Европа да биде вистински избор на нејзината влада“, порачал и се пожалил Георгиев.