Бугарскиот парламент ќе одредува и што е интимна врска – двајца да се заедно повеќе од 60 дена
По инцидентот во Стара Загора, кога на една 18-годишна девојка ѝ беа нанесени повреди на лицето со нож-играчка од нејзиното момче, бугарскиот парламент на итно заседание бара решение како законски да се спречи или намали домашното насилство. Тоа се случува и откако имаше протести во Софија и други бугарки градови против насилството врз жените.
Во оваа брзање да се направи нешто, а не се ратификува Истанбулската конвенција за правата на жените, бугарските парламентарци одат дотаму што определуваат што е интимна врска меѓу машко и женско. Тоа бил однос во кој двајцата се заедно повеќе од 60 дена.
Најинтересно е што овој законски предлог го дава либералната коалиција Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија.
Откако ваквиот предлог наиде на потсмев и иронија и во парламентот и во јавноста пратениците на ПП-ДБ се обидоа да ги амортизираат реакциите. Поранешната министера за правда, која сега е пратеник на коалицијата, Надежда Јорданова, од собраниската говорница ги повика колегите да не користат иронија на оваа чувствителна тема. Таа рече дека меѓу првото и второто читање ќе се направи корекција на дефиницијата за „интимна врска“, која веќе беше критикувана на седницата на правната комисија.
Јорданова изјави дека сожителството ќе остане во законот и кон него како проширена норма оваа дефиниција:
„Збир на доброволни, трајни, лични, интимни, сексуални односи меѓу две лица, без разлика дали тие делат домаќинство и чие потекло, содржина и прекин не подлежат на законско регулирање со друг закон. Трајни во смисла на претходната реченица се односи со времетраење од најмалку 60 дена“.
Ова навистина наиде на иронични коментари ба дури и потсмевање на другите пратеници. Посебно од БСП и Има таков народ.
„Што ако поминале 30 дена? Ова е нечуено и невидено лудило што се обидувате да го создадете, згора на лудилото што го создадовте досега“, изјави Иван Ченчев од БСП.
Неговата шефица, лидерката на БСП, Корнелија Нинова, смета дека со предлозите за промена на Законот за заштита од семејно насилство ништо не се прави за борба против овој проблем, туку „убивање на борбата “. Според нејзините зборови, предлогот да се вклучи „интимна врска“ во законот е „крик на правна неписменост и политички страв“.
„Најдете ми правник, адвокат, судија, обвинител, кој рече дека тоа е можно, денес луѓе од сите бои ви рекоа дека тоа не е можно. Политички страв затоа што го свикавте парламентот за да избегате од повиците за оставка“, рече Нинова.