Бугарскиот министер за внатрешни работи и првиот разузнувач доаѓаат во Скопје

Бугарскиот премиер Галаб Донев остварил телефонски разговор со премиерот на Македонија Димитар Ковачевски. Двајцата разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на големиот револуционер Гоце Делчев да се одвиваат непречено.
Ова го соопшти информативната служба на бугарската влада. Во таа насока, во понеделник, на 30 јануари, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и претседавачот на ДАНС (Државна агенција за национална безбедност), Пламен Тончев, ќе остварат работна средба со своите колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за обезбедување мирна и безбедна средина за прославата на 4 февруари.
Премиерите Донев и Ковачевски разговарале и за придобивките од подлабоката соработка меѓу двете земји во областа на безбедноста, особено во случаите на криминални дејствија или закани врз граѓани на Македонија со бугарски идентитет.
Во разговорот, како што соопштуваат од Софија, премиерот Донев повторно потсетил на очекувањата од Македонија да ги преземе неопходните активности за ставање крај на говорот на омраза и злосторствата, како и за почитување на правата на македонските Бугари.