Бугарскиот финансиер Милен Врабевски доби измислена награда од „Мал битолски Монмартр“

Милан Врабевски ја доби наградата „Мецена на годината за 2023“. Врабевски годинава донираше 18.000 евра за „Битолски Монмартр“


На Милан Врабевски (десно) наградата му ја врачи Славчо Неделковски од „Мал битолски Монмартр“

 

БИТОЛА – Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола измисли нова награда како да му се заблагодари на бугарскиот бизнисмен и филантроп д-р Милен Врабевски, за финансиската помош на брендовите „Мал битолски Монмартр“ и Светската детска ликовна изложба – „Битола“.

Наградата за Врабевски е прикажана како „висока“ награда „Мецена на уметноста за 2023 година” доделена од страна на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ од Битола.

Врабевски до неодамна ги финансираше и бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, а кои сега се избришани од Централниот регистер и затворени од институциите на државата.

Наградата лично во Софија, Бугарија, пред некој ден, му ја врачил претседателот на Управниот одбор на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ Битола – Славчо Неделковски, кој со 15 деца од Битола присуствуваа на второто издание на „Мал Монмартр во Софија”, што се реализира од 3 до 8 јули.   

Детското ликовно студио постои 55 години, од кои 42 години ја одржува детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, низ кои досега поминале бројни поддржувачи на брендот од државата и градот, но раководството на Детското ликовно студио оцени дека ваква награда треба да се востанови сега и за сефте да ја добие Врабевски, кој годинава донираше 18.000 евра за „Битолски Монмартр“ и Светската детска ликовна изложба – „Битола“, која се одржува 41 година по ред. 

„Не“, вели Неделковски, ова е прва година, Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, досега немало ваква награда.

„’Мецена на годината’ и наградите ‘Мал Битолски Монмартр’ кои што беа доделени на градоначалникот на Општина Битола, генералниот конзул на Грција во Битола, генералниот конзул на Бугарија во Битола, се воведени од оваа година, тоа е поради успешните соработки. Милен Врабевски ја добива наградата бидејќи си ја заврши својата должност, формирајќи го Меѓународниот управен одбор, како претседател на Комисија за развојни програми со ЕУ и УНЕСКО за својата исполнетост во активностите. Милен е поддржувач, еден од финансиерите на Детското ликовно студио“, вели Неделковски во разговор за „Независен“. 

Според него, не постои константен финансиер на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, иако кажува дека Општина Битола и Министерство за култура секоја година вложуваат средства во него, како и бројни фирми од градот. „Не знам зошто само Милен боди очи кога и на Стево Пендаровски му дадовме награда“, вели Неделковски.

Фондацијата „Бугарска меморија“ чии основач и претседател е Врабевски, денеска ја објави веста и фотографијата на Врабевски со Неделковски кога ја примил плакетата.  

„Откако беше прекината државната поддршка на ликовното студио, во текот на минатата година, постоењето на организацијата беше поддржано од д-р Милен Врабевски. Во овој период, на иницијатива на бугарската фондација децата од Детското ликовно студио ‘Свети Кирил и Методиј’ неколкупати ја посетија Бугарија и имаа можност да творат заедно со деца од нашата земја“, објави Фондацијата на Врабевски.

Во веста уште стои дека претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“ донирал речиси 18.000 евра „за да можат 120 учесници од 13 земји да ја посетат Северна Македонија како дел од уметничките настани“. Така, „уште една година нашиот западен сосед го претворија во светски центар на детската уметност“.

Годинава како и годините наназад, Општина Битола финансиски ги поддржува манифестации на Детското ликовно студио. Само последните две години откако е Тони Коњановски градоначалник, со по 300.000 денари, а претходно од 150.000-200.000 денари годишно. Финансиска помош континуирано пристига и од Министерството за култура. Неделковски вели дека во 2018 година тогашниот министер Роберт Алаѓозовски го помогнал „Монмартр“ со 700.000 денари, а сега актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со по 250.000 денари.

„Министерството за култура дава сериозно смешни суми на пари, а министерката Бисера упорно на говорница вели дека е најголема поддршка на двете манифестации“, вели Неделковски.

Според него, дел од фирмите и една македонска банка кои го поддржувале финансиски „Монмартр“ во континуитет ги намалиле сумите последната година, но затоа пак се јавиле други битолски фирми, меѓу нив синџир на аптеки и фирма за сладолед кои понудиле пари и свои производи како репрезентација за двете манифестации на Детското ликовно студио.