Бугарски европарламентарец замолчен во македонското Собрание
Пратенички од сите партии му порачаа на Ивајло Валчев од ИТН сите права што ги бара за Бугарите кај нас да им ги дадат и на Македонците во Бугарија

Реципроцитет – беше барањето што им го испорачаа пратеничките од СДСМ, НСДП и ВМРО-ДПМНЕ на бугарските европарламентарци кои денес и утре престојуваат во Скопје, во рамките на состанокот на Заедничкиот комитет на ЕУ и Македонија. Кавгата ја започна Ивајло Валчев од бугарската партија „Има таков народ“, цитирајќи делови од извештај на Европската комисија против расизам и дискриминација (ЕКРИ) во кој се осудуваат инцидентите со бугарските клубови во Македонија, а што од нашите пратенички беше дочекано како искривување на фактите и провокација.
Најпрво Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ му порача на бугарскиот европратеник дека така како што се бара од нас да се грижиме за сите малцинства, така и Бугарија треба да се грижи за нашите. Па, го отвори случајот со ОМО Илинден- Пирин цитирајќи оценка на бугарскиот Хелсиншки комитет дека единствена причина што не можел да се регистрира како здружение – е што не постоел датум и време на основачкото собрание, по што заклучи дека за да ги надминеме проблемите треба да разговараме едни со други за реципроцитет.
Соња Мираковска од НСДП беше поостра, нарекувајќи ги тврдењата на Валчев претерани и засновани на неточни факти.Таа му порача дека е премногу едностран и дека критиките на ЕКРИ се однесуваат на неколку несреќни и спорадични инциденти. Таа нагласи дека во Македонија има над 20 регистрирани бугарски здруженија и клубови и дека некои постојат повеќе од 20 години и никој не ги оспорил, освен двата што носеа име на неприфатливи историски личности. „Македонија, за разлика од вас со 16-те пресуди, ја спроведе пресудата на Судот во Стразбур“ , рече таа заклучувајќи дека се непримерни неговите забелешки во ситуација кога Македонија се посочува како пример за мултиетничко општество во регионот. Како и Костадиновска, таа нагласи дека е важно да има почитување на правата на двете страни подеднакво.
„Небулоза и преседан е во 21 век, кога одиме на Месечината, луѓето да не можат да го искажат својот идентитет“, рече Жаклина Пешевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ. Таа нагласи дека во нашата Комисија за заштита од дискриминација воопшто нема поплака од преставници на бугарското малцинство и дека нема ни случај во Стразбур, по што оцени дека говор на омраза единствено има на социјалните мрежи, дека е фингиран и дека не доаѓа од институциите, за разлика од Бугарија каде доаѓа и од претседателот и премиерите. Таа додаде дека има 89 пресуди на Стразбур околу нашето малцинство кои чекаат имплементација и дека единствениот македонски клуб што бил регистриран „преживеал“ само еден ден, бидејќи бил веднаш демолиран и затворен. Тогаш Валчев ја кажа клучната порака.
Откако рече дека никогаш нема да се противи некој да се нарече себеси Македонец ,бидејќи нема да пееме сега „северномакедонско девојче“, тој нагласи дека тоа е сепак официјалното име на земјата. Па, продолжи со тврдењето дека од ОМО Илинден – Пирин не ни сакаат да бидат регистрирани и намерно не исполнуваат некои од условите, за да постојано се повторува процедурата. Поточно, како што рече, во нивниот статут има нешто спротивно на Уставот на Бугарија и на определбата да не се нарушува територијалниот интегритет, т.е. споменуваат внатре Пиринска Македонија.
„Мислам дека всушност не сакаат да бидат регистрирани“, заклучи Валчев.
Откако се јави и грчки европратеник да се пожали дека премиерот, шефот на дипломатијата и пратениците на состанокот употребувале Македонија место Северна Македонија, еден од европратениците надвор од Балканот изреагира со забелешката дека се дојдени тука „за да зборуваат за процесот на пристапување“.
„Дајте да работиме“, рече тој , па додаде, „да не изгледа дека сме дојдени тука за да се караме“.
Она што падна во очи од состанокот беше дека евроамбасадорот Михалис Рокас, набројувајќи ги реформите што треба да ги спроведе Македонија (од таа на Оценската мисија, новиот Кривичен закон, реформата на јавната администрација…) важно место даде на слободата на медиумите барајќи владата да осигура дека нема да има вознемирувања и напади врз новинарите, веројатно испровоциран од хајките што се интензивираа по укинувањето на помошта она УСАИД и од претходното искуство со ВМРО-ДПМНЕ.
Валчев исто така го отвори прашањето за архивите од времето на комунизмот поврзувајќи го тоа со оценката дали е Македонија доволно демократска земја за да влезе во ЕУ или не, на што Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ му одговори дека архивите веќе се отворени, и тоа одамна – за време на првиот владин мандат на нејзината партија – и се испечатени во огромни книги.(С.Ј.)