Бугарска болница замешана во меѓународна мрежа за незаконско пресадување органи


Во април минатата година, двајца Јапонци добија трансплантација на бубрег во болница во Бугарија, договорена од Турчин. Операциите беа успешни, но тој престана да посредува откако бугарските власти започнаа истрага поради сомневање за нелегални трансплантации од живи донатори извршени во земјата во периодот 2019-2021 година“.

Ова е откриено од истрагата на „Јомиури Шинбун“, еден од водечките јапонски весници, за меѓународна шема за нелегални трансплантации во голем број земји. Причина се сомневањата дека во неа била вмешана јапонска невладина организација која соработувала со споменатиот „координатор“, чие име не се споменува. Кацаров предлага промени во трансплантациите за да нема лажни роднини.

Но, во серија публикации на изданието, се опишува дека станува збор за државјанин на Турција, кој се претставува како лекар, кој бил уапсен од властите во Украина во 2017 година под сомнение за вмешаност во трговија со органи, а случајот против него таму се уште е во тек. „Познато е дека добил средства, вклучително и „донаторска такса“ од околу 15.000 долари (не е сигурно дека целата сума стигнала до вистинскиот донатор), од Здружението за поддршка на пациенти со неизлечиви болести  со седиште во Токио. Вкупниот износ достигнувал 80 илјади долари.
„Јомиури Шинбун“ не дава повеќе детали за бугарскиот дел од шемата, но споменатите факти упатуваат на сомневањата на почетокот на јуни 2021 година од страна на вршителот на должноста министер за здравство Стоичо Кацаров за раководството на болницата „Лозенец“ во Софија кое извршило во периодот од 2019 до април 2021 година 14 трансплантации на бубрези од жив дарител. Ова беше една од причините поради која беше сменет директорот  Љубомир Спасов и управниот одбор на здравствената установа.

Мишел Леви, поранешен маркетинг-менаџер на владината болница „Лозенец“  за телевизија „Нова“ потврди дека таму се вршеле нелегални трансплантации, вклучувајќи и на  четири бубрези, а за секој од нив на сметките на болницата влегле повеќе од 20 илјади долари.
Според него, поврзувањето на пациентите со болницата се вршело преку специјална фирма.

„Има компанија која е во сопственост на турски државјанин со претставник во Бугарија и лице задолжено за логистика, кои ги наоѓаат примателите, ги наоѓаат донаторите (од Украина и Молдавија) ​​и со знаење и благослов на Спасов, овие лица завршија во болницата „Лозенец“, рече тој.

„Оваа практика им беше позната на властите. Од октомври 2020 година, Министерството за здравство знаеше дека во болницата Лозенец биле извршени најмалку неколку трансплантации на луѓе со лажни документи. Но, немаше реакција од раководството за тоа што се случува. (. . .)“

Бугарија извесно време беше центар на меѓународна криминална организација за трговија со човечки органи, за која некои од бугарските власти знаеја, но ништо не презедоа, што може да значи само едно – дека покровители на оваа организација се на највисоко ниво во државата, каде што може да се нареди да не се истражуваат злосторства од оваа големина. Како што веќе пишуваше „Капитал“, директорот на болницата „Лозенец“, Спасов, отсекогаш се потпирал на исклучително силна политичка поддршка, главно од ДПС.

Бугарскиот закон не дозволува такви трансплантации кога донаторот не е директно и роднински поврзан со пациентот. Според Кацаров, „донаторите се „внуци“ од Украина и Молдавија, а примателите се „чичковци и тетки“ од Израел, Јапонија, Германија, Оман. Постојат сите причини да се верува дека овие луѓе не се меѓусебно поврзани.  Тој додаде дека барем во дел од случаите има информации од соодветните земји дека примателите не се нивни државјани и дека станува збор за лажни идентитети.

„Дневник“ го праша софиското градско обвинителство до каде  стигнал овој случај една година подоцна. Одговорот е дека, според надзорниот обвинител, „во моментов не можеме да дадеме апсолутно никакви информации за случајот на специјалното обвинителство. Згора на тоа, мора да се бара дополнителна дозвола според 198 од Законот за кривичната постапка“.

Адвокатот Стојан Мадин  објасни дека во Кривичниот законик има посебен текст кој се однесува на прекршување на правилата утврдени за земање и обезбедување на човечки органи за трансплантација, а казната е затвор од една до три години, а ако делото е сторено за корист-од три до пет години. Во овој случај, трансплантациите ги плаќале странски државјани по тарифа за приватни пациенти.

„Во секој случај, доколку има документи со невистинита содржина и истите се создадени од службени лица, кривично одговараат и до пет години, а секое користење на фалсификувани исправи со умисла е посебно кривично дело“, вели адвокатот Мадин.

Јапонската новинарска истрага се однесува на аудио и видео снимки што ги поседува, како и сведоштва од луѓе поврзани со здружението и пациентите кои биле оперирани.Е ден од записите зборува за планирање во 2022 година на трансплантација во Шри Ланка поради сомневање за трговија со бубрези од живи донатори. Беше планирано да се испратат двајца пациенти од група од 10, но сите пропаднаа поради економскиот хаос и неред во кој западна оваа островска држава.

Здружението главно носело Јапонци во Кина како земја посредник за трансплантација од починати луѓе или погубени затвореници, пишува  Јомиури Шинбун. Но, таму, работите станаа комплицирани поради тоталните заклучувања наметнати од властите за контрола на епидемијата на Ковид -19 и други проблеми.

Случајот со Киргистан

Тогаш  јапонската невладина организација „Набо кања шиен но каи“ се сврте кон посредништво на Турчинот, кој ја обезбеди врската со болница во Бугарија. Поради истрагата во Софија во јуни 2021 година, шемата беше пренасочена во Узбекистан за потребите на 58-годишна Јапонка и други пациенти. Тој се обиде да организира операции во Ташкент во националната болница на поранешната советска република, но на крајот ја реализираше во приватна клиника во соседен Киргистан. Таму жената добила бубрег од Украинка со фалсификуван јапонски пасош за да изгледа како роднина (во Киргистан законот дозволува таква операција само меѓу близок жив дарител). Средовечната донаторка дури се обидела да зборува јапонски, на што ја научиле организаторите на здружението. Во клиниката била донесена опрема, а од странство пристигнал хирург – Египќанец наместо ветениот „специјалист од Индија“.

Операцијата не поминала добро, жената тешко се разболела, а кога се вратила во татковината, се испоставило дека трансплантираниот орган не функционира и мора да биде отстранет. Јапонката опишува дека била изненадена што се разбудила во хотелска соба во Бишкек, а не во болничко одделение, една недела по операцијата, по што дознала дека имало итен случај во кој израелски државјанин починал на трансплантација. Со тоа се запреа  планираните операции на уште три лица.

Турчинот очигледно имал добро развиен систем затоа што речиси веднаш предложил преселба во Шри Ланка, велејќи на онлајн состанок во мај 2022 година: „Можеме да започнеме во секое време. Би сакал да почнете да ги испраќате пациентите околу јули“.

Еден месец пред да почнат да пристигнуваат пациентите, тој им побарал медицински податоци и извод од матична книга на родените. Директорот на здружението рече „да побрзаме да го направиме тоа – ако  успее, ќе ви праќаме двајца на секои два месеци од вкупно 10 луѓе“.

Во тоа време, невладината организација препорача трансплантација во Шри Ланка на 58-годишен маж од Јокохама, а неговото патување беше договорено за почетокот на јули.На веб-страницата на здружението се тврди дека „никогаш не сме биле вмешани во трговија со органи“, но се додава дека „точно е дека имало сомневање за таква трговија“ во врска со случајот од Киргистан минатата година.

Во текот на изминатите 17 години, околу 170 трансплантации во странство поминале низ „Набо Кања Шиен но Каи“. Изворите на органи биле живи донатори (во 5 случаи), кои починале во несреќи, биле мозочни мртви или биле егзекутирани (до 2015 година). Изборот на донатори и условите за нивно учество се на локалните болници и координатори, а здружението „никогаш не било вклучено“ во овој процес. Во писмото до весникот што ги објави публикациите, се прецизира дека тоа се занимава само со „хоспитализација, отпуштање и лична нега на пациентот“.

Јапонскиот закон за донации забранува трговија со органи, како и барање или нудење органи на продажба. Јапонија е потписник на „Истанбулската декларација“ од 2018 година, во која се прогласува дека трговијата со органи треба да се забрани бидејќи ги прекршува принципите на „еднаквост, правда и почитување на човечкото достоинство“. (Дневник)