Бугарите што тргнаа во Баница неславно завршија во полиција
Бугари се приведени кај селото Баница, Серско, Грција, тврдат од прес-центарот на бугарската партија Преродба. Според партиски извор, жандармеријата во Грција го опколила просторот околу селото каде што беше убиен и првично погребан Гоце Делчев. Првиот бугарски автомобил кој пристигнал таму бил запрен, а бугарските државјани биле однесени во непознат правец.
Таму денеска патуваа оргаанизирано бугарски државјани за да го посетат местото каде што загина Гоце Делчев, но сите биле спречени од грчката полиција. Според нивните поплаки на социјалните мрежи, биле приведени дури триесетина Бугари, им биле одземени личните карти и без објаснување биле задржани пет часови во полициските станици.
Тоа го испровоцира првиот човек на Фондацијата Македонија, Виктор Стојанов, кој го организираше одењето во Баница, да запраша тоа ли е демократија и да порача дека сите што мислеле дека Грција е европска земја – го виделе грчкиот затвор од внатре. Некои повикуваа на протести пред грчката амбасада во Софија. Од поплаките стана јасно дека станува збор главно за следбеници на „Преродба“ и на Фондацијата Македонија и дека досега не успеале во намерата да отворат бугарски културни центри во Лерин и во Костур.
Виктор Стојанов најави претходно дека негови преставници ќе одат во Баница за да ја одбележат годишнината од загинувањето на Гоце Делчев и за да одберат место каде ќе стават спомен плоча. За тој план, наводно, добиле дозвола од грчките власти. Наедно од Баница стигна фотографија на која се гледаше лидерот на Левица, Димитар Апасиев, како става цвеќе на камбанаријата каде што бил првиот гроб на Делчев.
Смртните останки на Гоце Делчев првично биле закопани на местото каде што починал – во селото Баница во заеднички гроб. Неговите коски подоцна биле однесени во Бугарија, а потоа пренесени во Македонија.