Бугарите од Македонија не сакале да бидат пазарени за визи и Шенген

Нашите права, идентитет и историја не можат да бидат предмет на билатерални преговори меѓу Софија и Скопје, им пишуваат македонските Бугари на бугарските раководители


Од средбата на претставниците на македонските Бугари со претседателот Румен Радев на 27 октомври 2021

 

Еден пост на Фејсбук, многу неволји. Уште еден пост, дополнителни неволји.

Барањата на Слави Трифонов, лидерот на бугарската партија Има таков народ (дел од владината коалиција), до САД и ЕУ за кревање на блокадата на Македонија ги разбуричкаа духовите кај нашиот сосед, а и овде – меѓу граѓаните што се чувствуваат Бугари.

Нивните претставници повторно им пишуваат на властите во Софија да не помислувале да ја менуваат својата позиција кон Скопје. Иако во писмото испратено вчера директно не се споменува трговијата што ја понуди Слави Трифонов за кревање на блокадата – укинување на американските визи и влез во Шенген зоната – целата содржина на писмото е во таа насока. Македонските Бугари ги повикуваат бугарските власти да не прават никакви отстапки за Скопје, ниту да тргуваат со ветото.

„Апелираме до вас: не правете никакви отстапки по прашањето за нашата рамноправност. Тоа не може и не треба да биде предмет на преговори, а нејзината гаранција гаранција не може да биде празно ветување за неизвесна иднина. Уставната процедура за впишувањето на македонските Бугари мора да започне веднаш и сега. Бугарите мора да бидат експлицитно, подеднакво споменати меѓу останатите народи во Уставот на РС Македонија“, им пишуваат претставниците на седум организации на бугарските раководители, меѓу кои се и претседателот Румен Радев и премиерот Кирил Петков.

Во писмото македонските Бугари уште велат: „Нашите права, идентитет и историја не можат да бидат предмет на билатерални преговори меѓу Софија и Скопје. Наше право и должност е нашите деца да имаат улога во одлучувањето за нашата иднина“.

Според нив, не би требало да претставува никаков проблем за кого било во Македонија доколку Бугарите бидат наведени во уставот. „Спротивното би значело продолжување на децениската политика и практика на дискриминација врз нас“.

Македонските Бугари додаваат: „Не можеме да претпоставиме дека земјите-членки на ЕУ не можат да го разберат и поддржат нашето барање, бидејќи една од главните европски вредности е еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите на земјата“.

Ова писмо на претставниците на бугарските организации освен што е одговор на предлозите-уцени на Слави Трифунов, туку тоа е и реакција на веста дека познатата експертка Весела Чернева (која е советник за надворешна политика на премиерот Петков) на 2 јануари била во Скопје за да ги договара деталите на посетата на Петков до крајот на месецов. А и на некој начин да влијае врз текот на разговорот на состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност на претседателот Радев кој треба да се одржи на 10 јануари. Главна тема на состанокот се односите со Македонија. (Н.В.)