Бугарски и француски лекари ќе го оперираат Пендиков

„Денеска на Христијанин ќе му биде извршена операција. Ќе биде оперирана вилицата која е скршена на три места. Ќе биде опериран од тим француски и бугарски лекари, за тоа се погрижи бугарската држава“- изјави претседателот на фондацијата „Македонија“ Виктор Стојанов за состојбата на Христијан Пендиков, кој минатата недела беше претепан во Охрид.
„За време на самото тепање сведоци повикале полиција. Полицијата одговорила дека нема да дојдат штом станува збор за него. Го одбила и брза помош. Тој се обидел да стигне до полиција откако бил претепан, па отишол во болница. Во болницата му рекле дека ништо не можат да му направат и да си оди дома да чека операција“, изјави Стојанов во емисијата „Денот почнува“ на БНТ.
„Беше во ресторан со девојка. Дојдоа три лица, од кои едното е јавна личност во Охрид. Почна јавно да го напаѓа пред луѓето. Медиумите во Северна Македонија го наклеветија Христијан и се обидоа овој етнички прогон да го пренесат како ќотек од кафеана. Мислам дека ќе сака да ги тужи медиумите кои го направија криминалец. Христијан нема никакви пријави во полиција, тој е активист на Црвениот крст од дете“, го коментираше Стојанов претепувањето на Христијан, кој е секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Христијан и сега, според него, добива онлајн закани, дека ќе дојдат во Бугарија и ќе го убијат.
„Односот на многу државни институции во РСМ кон Бугарите е тенденциозен и дискриминаторски. Бугарите кои живеат таму се плашат за своите животи“, рече Стојанов.
„Кај македонските Бугари владее тензија и страв, најмногу поради тоа што институциите се неактивни во однос на заканувачките сигнали што ги добиваат. А тие се секојдневие“, вели Бекир Кадриески – претседател на бугарското здружение.
Тој посочи дека тие главно се прават преку социјалните мрежи.
„Постои страв. Има негативен однос кон нашите клубови. Работите се влошуваат, а не се подобруваат во Северна Македонија. Никој не презема нешто – добиваме закани по телефон, дури и смртни закани. Главно на Фејсбук“, рече Кадриески.
Тензијата меѓу Бугарите и Македонците ја чувствува и бизнисменот од Скопје, Влатко Начевски.
„Ние сме во 21. век, луѓето одат во вселената. Се расправаме за споменици за Гоце Делчев, за Даме Груев, за Сандански. Ова не е природно, не е нормално да се случува“, коментира тој.
Медиумите во Македонија тргнаа во друга насока тврдејќи дека Христијан бил претепан поради кривично дело поврзано со дрога.
„На почетокот беше антички Македонец, објавија фотографии од пред 6-7 години, кога имаше 15 години. Потоа, благодарејќи на брзата реакција на полицијата во наводници – за малку ќе го обвинија дека е дилер на дрога“, изјавил за бугарските медиуми Атанас Величков, новинар во Македонија. „Човек е претепан затоа што е Бугарин“, категоричен е тој.
Во медиумите во Бугарија привлекува внимание и фактот дека министерот за надворешни работи ја пренесе веста за апсење за тепањето.
„Бујар Османи не е личноста која сега треба да биде главна личност. Каде е министерот за внатрешни работи? Каде се луѓето од правосудниот систем. Ги нема“, додаде новинарот.
Македонските Бугари се убедени дека тоа не е вистинскиот пат за Скопје кон Европската унија.
„Бугарија треба да ги прекине сите разговори со Северна Македонија додека работите не бидат како што треба“, смета Кадриески.