Бугарија жали за загинатото семејство: Сопругата е ќерка на поранешен министер, сопругот бизнисмен


Бугарија е во шок по трагичната авионска несреќа на Солунска глава на осумдесетина километри од Скопје, при што загина четиричлено семејство. Владата во Софија редовно известуваше за истрагата, па дури и понуди хеликоптер да им помогне на македонските власти. Спас немаше, злокобните вести бргу стигнаа: нема ниту еден преживеан во трагедијата.
Од Министерството за внатрешни работи во Скопје потврдија дека нивните припадници го лоцирале авионот во вторникот околу 19 часот на пет километри северозападно од Солунска Глава.
„Изразуваме сочувство до роднините на починатите и до сите граѓани на Република Бугарија. Службите на МВР, Институтот за судска медицина и Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти вршат увид под раководство на јавен обвинител“, рекоа од МВР.
Вчера уште во раните утрински часови двајца обвинители, заедно со екипи на полицијата, на Судска медицина и други релевантни институции се упатија кон планината Јакупица каде што се урна „цесната“ со четирите патници. Но местото каде што се сруши авионот е исклучително непристапно, поради што не постоеја услови за извлекување на телата. Проблем создаваше и снегот висок речиси половина метар.
„Локацијата е целосно обележана, а експерти од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР и од Комитетот за истражување воздухопловни несреќи и сериозни инциденти ќе ги вештачат остатоците од авионот, со цел да се утврдат причините за авионската несреќа“, соопштија од Обвинителството.
Телата на починатите патници биле пронајдени во внатрешноста на кабината. Леталото го управувал 49-годишниот Георги Бошнаков, поранешен шеф на одделот за Имплементација и одржување на информатики и технологии во рамки на бугарската Агенција за регистрација, а сегашен сопственик на фирми за отпад кои имале претставништва низ целата земја. Неговата сопруга Калина Корнажева-Бошнакова (47) е адвокат по професија. Бугарските медиуми пишуваат дека и нејзиниот татко, Петар Корнажев, бил познат адвокат и поранешен министер за правда и пратеник во парламентот. Освен тоа, софиските весници објавија и дека нејзиното семејство е во роднинска врска со ексбразилската претседателка Дилма Русеф, која, како што е познато, има бугарски корени. Во несреќата загинаа и двете деца на Георги и Калина – Билјана (18) и Гергана (14).


Медиумите кај нашиот источен сосед гледаат три можни причини за трагедијата: лошото време, грешка кај пилотот или неисправност на леталото. Дел од нив шпекулираат дека авионот што полетал од Охрид, поради лошото време имал намера да слета на скопскиот аеродром, но контролорите не му дале дозвола поради безбедносните мерки по заминувањето на грчкиот премиер Алексис Ципрас. Бошнаков тогаш одлучил да продолжи за Софија, затоа што немал доволно гориво да кружи околу Скопје. Таа теорија е побиена со тоа што на снимките од паднатото летало се гледа дека „цесната“ била опожарена, што значи дека била полна со гориво. Впрочем, авионот бил само 25 минути во воздух од полетувањето до несреќата.
Главниот асистент за безбедност при летање на Техничкиот универзитет во Бугарија, Марин Петров, смета дека ниту една верзија не може да се исклучи како причина за трагедијата, а во вакви ситуации треба да се истражат пилотот, неговата обука, состојбата на авионот и временските услови.
„Забрането е да се лета во такви облаци со ваков тип летала. Ова се облаци кои имаат силни турбуленции со големи нагорни и надолни струи, што е исклучително опасно, протокот е толку голем што може да доведе колапс на авионот и уништување веќе во воздухот. За мене турбуленцијата не е нешто што треба да го присили да слезе под нивото на врвовите. Поверојатно е да имало проблем со моторот, а можеби дошло и до замрзнување на крилата“, објасни Петров.
Тој, исто така, истакна дека Бошнаков имал аматерска лиценца за пилотирање со мали авиони, а таквата лиценца се стекнува со курс од неколку месеци, кој вклучува 140 часа теорија и 40 часа пракса. Петров рече дека авионот е одговорност на пилотот, а од контролата на летање можат да даваат информации и да советуваат.
Експертот за авијација Ангел Борисов вели дека местото на несреќата е тешко за летање, а теренот е опасен и не треба да се излетува од маршрутата. Тој смета дека може да станува збор и за пилотска грешка, покрај лошите временски услови, а не е исклучена опцијата да станува збор и за откажување на моторот.
„Пилотска грешка може да е причина за инцидентот. Пилотот прво побарал да слета во Скопје, а потоа заминал за Софија. Друга веројатност може да биде откажување на моторот“, вели Борисов.
Се појави и аудиоснимка од последните разговори меѓу пилотот и контролорот. На снимката што трае 87 секунди јасно се слуша како контролорот го прашува Бошнаков дали сè уште има турбуленции, при што пилотот одговара дека нема, но дека гледа голем облак низ чиј процеп има визуелен контакт со земјата, а облакот му прави проблеми. Комуникацијата се одвива на англиски јазик.
Веднаш во следната снимка, пилотот и контролорот зборуваат на македонски јазик, при што контролорот го упатува кон запад. По ова следува комуникација меѓу контролорите на летање, при што едниот вели дека може да се прелета над Солунска Глава каде што нема облаци, каде што е сигурно и чисто, по што другиот контролор вели дека пилотот јавил за турбуленции и го снемало од радарот. (Г.А.)