Бугарија: За да бидеш на прес на министерот за финансии треба да си како Џефри Сакс


Чудни правила на министерот за финансии Асен Василев

 

Не може редакцијата да испрати кого мисли од новинарите на брифинг или прес-конференција кај бугарскиот министер за финансии Асен Василев. За да може да биде на брифингот со министерот новинарот треба да има знаења како економистот Џефри Сакс, инаку нема да добие акредитација.

Таквите нови правила на Василев ги разгневија бугарските новинари кои решија да го бојкотираат министерот и неговите прес-конференции и брифинзи.

Ова доаѓа откако пред три недели министерството за финансии не му дозволи влез на еден долгогодишен економски новинар на брифинг со министерот бидејќи се воведувала акредитација за пристап.

Според правилата на тимот на Асен Василев, „на настаните организирани од Министерството за финансии ќе бидат примени само акредитирани претставници на медиумите, кои се занимаваат со пишување вести и коментаторско-аналитички емисии и колумни со финансиска и економска тематика и редовно обезбедуваат вести и информации за целокупната дејност на Министерството за финансии и секундарните распределувачи на буџетски средства на ресорот“. Од медиумите се бара да обезбедат „потврда и докази дека новинарот работи во областа на финансиите и економијата и дека медиумот има финансиска и/или економска рубрика“.

Новинарите го отфрлија ваквиот арбитрарен однос на Василев и неговата позиција министерството да одлучува кого редакцијата ќе испрати на прес-конференција.

Па, група бугарски новинари во отворено писмо до министерот за финансии објавија дека одбиваат да одат на брифинзи и прес-конференции во министерството поради дискриминаторските услови за акредитација. Одлуката е поддржана од Здружението на европски новинари – Бугарија. Во писмото до Василев се инсистира да се ревидираат правилата на МФ.

Според новинарите-потписнички, условот за специјализација на известувањето на новинарите, како и условите за организирање медиумски содржини во финансиски и економски наслови, се неприфатливи ограничувања кои можат да доведат до произволни одлуки за исклучување на критичките гласови. И институциите не може да проценуваат место редакциите кој е новинар, а кој не.