Бугарија се обидела да ги смени заклучоците и за ССА, но наишла на европски ѕид

Сите други 26 земји го одбиле потегот на Софија и застанале зад нас. Во Брисел не размислуваат за план „Б“ за Македонија, бидејќи работат на планот „А“


ВО ЕУ велат дека Македонија не треба да се фокусира на барање на некакви гаранции за членство, туку да работи на исполнување на обврските

(Од нашиот известувач)

БРИСЕЛ – Се обидуваме за една година да го завршиме тоа што Србија го заврши за две, изјави денес по средбите и скринингот во Брисел вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Според него, притисокот за решавање на спорот околу Косово и прашањето за Македонија сега е голем, бидејќи идната е изборна година во ЕУ и не се знае кои и дали исти функционери ќе останат на позициите. 

„Ние немаме можност повторно да ги преговараме условите за почеток на преговорите со ЕУ. Преговарачката рамка е условена и најголемата опозициска партија дава лажни надежи дека може да се извојуваат подобри услови за пристапување во Унијата. Иако ова не е идеален компромис, тој е единствен што е можен без да отстапиме од нашите идентитетски позиции, а да ги почнеме преговорите со Унијата“, рече Маричиќ.

„Не знаеме кој ќе дојде на позициите во Брисел идната година, не знаеме што ќе донесат изборите овде, па тоа може да биде уште една изгубена година за Македонија“, предупреди тој, најавувајќи дека за да успеат уставните промени ќе се формира специјална експертска група зад која ќе застанат политичките партии. Според него, таа експертска група ќе биде составена од домашни експерти, но не се исклучува ни можноста да има и некој странски, со тоа што ќе ѝ се понуди и на опозицијата да номинира свои.  

Од Брисел се дознава дека Бугарија се обидела деновиве да ги смени заклучоците околу состанокот за Советот за стабилизација и асоцијација, но не успеала бидејќи сите други 26 земји-членки застанале зад нас и по францускиот предлог нема разбирање за повторно навраќање на тие теми во Брисел. Затоа од ЕУ се фокусираат на тоа што треба да направиме ние, а не Софија.

Македонија ризикува да го изгуби моментумот, е пораката од  Брисел околу противењето во политичките кругови во земјата да се процесуираат и спроведат уставните промени што ќе обезбедат автоматско продолжување на преговорите со Европската унија, откако ќе заврши скринингот. Советот е да се претставуваат придобивките од преговорите и од членството и да се искористи силната политичка волја што постои во ЕУ во моментов за проширувањето, бидејќи како што велат, паметат кога имало добри времиња за процесот, но и кога морале да притискаат, да убедуваат и да го туркаат процесот.

Од европската престолнина се децидни дека не размислуваат за план „Б“ за Македонија, бидејќи работат на планот „А“, уште повеќе што проценката е дека никој во земјата нема забелешка за супстанцата на уставните промени, т.е. за вклучувањето на Бугарите во Уставот, бидејќи Македонија има традиција на почитување на правата на малцинствата. Туку, проблем е во симболизмот и проценката дека натаму во процесот ќе има уште барања од Бугарија и блокади. Проценката тука во ЕУ е дека ако успееме да ги усвоиме уставните промени прашањето со Бугарија натаму полесно ќе се решава, нагласувајќи дека акциски план за малцинствата има и Србија, така што Македонија не е исклучок.

„Не фокусирајте се на барањата за некакви гаранции за членството, туку на обврските што ги презедовте и чие остварување го прави автоматски процесот на пристапување во ЕУ“, порачуваат од ЕУ.

Од македонски извори, пак, додаваат дека сега сѐ се врти околу Уставот и ако го пропуштиме и овој моментум, потоа ќе се соочиме со уште потешки услови, како што веќе ни се случи претходно. Притоа потсетуваат дека во мај идната година има избори во ЕУ и дека други функционери ќе дојдат на чело на Унијата. 

Според оценките во Брисел, денес ЕУ има јасна политика каде е и што сака и дека таа е многу појасна отколку пред две години, што се гледа од фактот дека во секоја иницијатива на ЕУ е вклучен и Западниот Балкан и дека тоа се прави систематски. Според овој извор, сега е време Македонија да исчекори напред во процесот со убедливо досие, а за сериозноста на ЕУ кажува тоа што во скрининг процесот досега беа вклучени 190 од најдобрите експерти на ЕУ од разни области.

Тука, скринингот го опишуваат како гигантска операција во која се оди до ситни детали затоа што целта е да се направи Македонија земја-членка и дека скринингот во основа се сведува на утврдување на јазот што постои меѓу нашата земја и законодавството на ЕУ. За акито (законодавството на ЕУ) не се преговара, тоа мора да се примени и некогаш тој процес бара многу длабоки реформи, порачуваат од Брисел, посочувајќи дека календарот на скринингот е многу амбициозен и дека паралелно се одвиваат повеќе работни средби.

Првиот извештај за скринингот  за кластерите еден и два, што  се однесуваат на фундаменталните права, јавната администрација, демократијата и внатрешниот пазар, кои се  клучни и најобемни, се најавува оваа пролет и тој најпрво ќе им биде  претставен на земјите членки на ЕУ. 

Меѓу редови во Брисел се чувствува сепак разочараност од фактот дека во медиуми во Македонија има разбирање за руската агресија на Украина, па и некои новинари сметаат дека Украина е таа што е одговорна за ситуацијата, иако нашата официјална политика околу војната се цени многу и е важна референца за евроинтеграцијата.