Бугарија ја укинува таксата за рускиот гас, никој не ја плаќа, а и бара влез во Шенген

Бугарската влада сфати дека желбата да го дополни буџетот со 1,3 милијарди евра годишно е неостварлива, а и ги налути сите соседи


 

Сакаа да наплатат околу 1,3 милијарди евра годишно за поминувањето на рускиот гас, но сметката беше погрешна.

Бугарија го укинува надоместокот за пренос на рускиот гас прекутамошната гасоводна мрежа, воведен и сè уште не платен од никого. Укинувањето на надоместокот е ретроактивно  и државниот гасен оператор „Булгартрансгаз“ нема да го плати акумулираниот долг од 272 милиони лева (140 милиони евра).

Македонија, Србија и Унгарија, за кои се однесуваше оваа мерка, остро реагираа на одлуката што ја донесе Софија и координирано бараа таа мерка да се повлече. Ниту една од државите не ѝ исплати на Бугарија надоместок за транзитот на рускиот гас и, на некој начин, мерката стана бесмислена. Затоа што Бугарија ниту можеше да го спречи поминувањето на гасот, ниту можеше да наплати „гасна друмарина“. Згора на тоа, покажа неочекувана себичност во односите спрема Србија, Македонија и Унгарија, кога се градат нови енергетски коридори

Како што пишува бугарски „Медијапул“, ова е запишано во предлозите за измена на законот за контрола на спроведувањето на рестриктивните мерки во поглед на дејствијата на Русија кои ја дестабилизираат ситуацијата во Украина. Предлогот во понеделникот бил доставен од пратениците и лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, на Продолжуваме со промената на Кирил Петков, на Демократска Бугарија на Христо Иванов и шефот на пратеничката група на ДПС Делјан Пеевски.

Овие предлози предвидуваат отстранување на сите текстови поврзани со енергетскиот придонес од 20 лева/MWh воведени на 13 октомври за пренос на руски природен гас преку бугарската гасоводна мрежа – пренос и дистрибуција.

Со преодните и завршните одредби се предвидува ретроактивно да исчезне обврската „Булгартрансгаз“ да ги прави одбитоците во трезорот, а увозниците објаснуваат дека ретроактивното дејство на законите во вакви случаи е дозволено.

Во аргументите за измените се наведува и дека во сегашните законски текстови нема механизам за плаќање придонеси од страна на корисниците на гасоводните мрежи, а поради обврската во претходните членови „Булгартрансгаз“ да ги плаќа овие такси, ја загрозува неговаата финансиска стабилност и неговото функционирање. Отстранувањето на таксата и ослободувањето на операторот со гас од обврската да ги плати 272 милиони лева акумулирани во периодот од 13 октомври до 20 ноември, ќе му овозможи мирно да ги извршува своите инвестициски активности.

Претседателот Румен Радев испрати тужба до Уставниот суд за воведување на таксата како што ја плаќа „Булгартрансгаз“ и тврдеше дека не е јасно како компанијата ќе ја наплати од „Гаспром“. Пратениците донесоа измени според кои Царината ќе си ги бара парите од „Гаспром“. 

„Медијапул“ пишува дека „Србија и Унгарија ‘скокнаа’ против данокот со аргументот дека тоа ќе го поскапи нивното сино гориво увезено од Русија. Бугарската влада уверуваше дека таксата е целосно на сметка на „Гаспром“, но рускиот гасен концерн сѐ уште не платил ниту лев од наметнатата такса. Министерот за финансии Асен Василев дури вети приходи од 2 милијарди лева во предлог-буџетот за 2024 година, но сумата на крајот беше одбиена од приходите“.

„Во моментов ја одложуваме имплементацијата, работиме заедно со Европската комисија и кога ЕК ќе ни даде сеопфатен механизам, тогаш повторно ќе го спроведеме доколку најдеме таков механизам. Ќе го следиме заедничкиот европски пристап. Оваа такса не треба да биде унилатерална од Бугарија. Потребно е да се работи со ЕК, за заедно со сите европски земји да се наметне овој вид такси на начин што ќе има реален ефект врз економијата на Руската Федерација исто така“, изјави Кирил Петков.

Една од причините е и Бугарија самата да не си стави пречка на нејзите френетични обиди да влезе во Шенген. Унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани со можно вето против влезот на Бугарија во шенген-зоната. Бугарската влада очигледно не сака да ризикува.

„Бидејќи сме многу, многу блиску до Шенген и секакви работио можат некако да нѐ сопнат во последен момент, како што е оваа такса, јас и моите колеги решивме да  пристапиме вака – да го примениме вистинскиот т.н. ‘европски пристап’. Тоа во секој случај ќе ги смири земјите околу нас, а добрососедството, кое отсекогаш било во наши главни прерогативи, ќе продолжи да биде така“, коментираше од своја страна Бојко Борисов.

Парламентот сега мора итно да подготви и донесе амандмани на давачката, за која владата тврдеше дека има за цел да ја зголеми конкуренцијата во снабдувањето со гас и да ја промовира нивната диверзификација и еманципација од рускиот гас.

Од Европската комисија соопштија дека го испитуваат случајот и дека Бугарија има право да води сопствена политика на приходи, додека „Гаспром“ се уште не се изјаснил за наплатениот придонес, кој во оваа форма е целосно ненаплатлив. 

Унгарија, како членка на ЕУ, испрати жалба до Европската комисија за мерката што ја воведе Бугарија тврдејќи дека е дискриминирачка.