Бугарија: Првиот уапсен од обвинителите на Ковеши брзо излезе на слобода


Валентин Димитров, градоначалник на Генерал Тошево

 

Градоначалникот на Генерал Тошево, Валентин Димитров, кој во средата беше приведен од европските обвинители, помина само една ноќ во притвор, а во четвртокот наутро беше пуштен во метежот на толпата собрана пред локалната полициска станица. Тој е пуштен со каиција од 10.000 лева (5.000 евра)

Димитров одби да ја коментира суштината на случајот бидејќи допрва ќе биде сослушан. „Вреди да се борите за сите овие луѓе овде“, кратко рече градоначалникот.

Протестот за поддршка на градоначалникот на општина Генерал Тошево, Валентин Димитров, го организираше локалната структура на БСП. Луѓето го пречекаа својот градоначалник со извици „Слобода!“ и „Браво, Валjо!“. Според нив, тој бил најчесниот градоначалник што општината некогаш го имала.

Европското обвинителство пред еден ден се пофали со својот прв уапсен во Бугарија. И покрај големите очекувања од работата на институцијата предводена од Лаура Ковеши, случајот тешко може да се нарече значаен. Градоначалникот на Генерал Тошево е осомничен за злоупотреба при санација на социјалните станови во градот, а вкупната сума на проектот е само 330.000 лева (165.000 евра). Европското јавно обвинителство не ја открива вредноста на злоупотребата.

БСП и општинските советници притворот го дефинираат како политичка нарачка, а партијата вели дека ќе го предложи Димитров за трет градоначалнички мандат. Според Јана Бонева, претседателка на Советот на општината и член на БСП, во општината немало рации или претреси, иако Европското обвинителство соопшти токму за тоа.

„Како може човек да биде обвинет без да се докаже неговата вина? Изгледа заборавивме да бидеме луѓе, како да сме на сцена на голем театар, а претставата е ‘Локални избори 2023’“, рече Бонева, цитирана од Нова ТВ.

Според неа, завршени се сите згради кои учествуваа во проектот за енергетска ефикасност. „Низ градот се гледаат трагите од она што го направи градоначалникот“, рече Бонева.

Лаура Ковеши има надлежност над делегираните европски обвинители во Бугарија, но нивниот првичен избор го врши бугарскиот Врховен судски совет.

Оперативната контрола над европските обвинители е доделена на бугарската претставничка во канцеларијата на европското обвинителство во Луксембург – Теодора Георгиева.

Георгиева во април во интервју за „Капитал“ објасни дека канцеларијата во Бугарија работи на многу сериозни извештаи за корупција и се надева дека случаите наскоро ќе одат на суд. Четири месеци подоцна, првиот уапсен е градоначалник на една од најмалите општини во земјата за проект со вкупна вредност колку еден стан во Софија.