Бугарија: По скандалот Вежди Рашидов си оди и од собранието и од политиката
Познатото лице на бугарската политика, Вежди Рашидов, разбра колку последици можат да имаат невнимателно искажани зборови. Тој денеска објави дека поднесува оставка како пратеник на ГЕРБ и ја напушта политиката поради зборовите за „курвите“ во понеделникот.
„Има закони и сега. Зошто си ги чешаме јазиците? Сите курви се разбудиле за да се сетат дека биле силувани пред 15 години. Како со тој американски режисер што го направија мајмун“, рече Рашидов во разговор со потпретседателите на собранието Никола Минчев и Росица Кирова за време на паузата, кога вообичаено не работат микрофоните во пленарната сала. На седницата се расправаше за измените на Законот за заштита од семејно насилство.
Зборовите на Рашидов, познат скулптор, кој беше претседател на собранието во претходното свикување, а во два мандати и министер за култура, предизвикаа огромен револт во јавноста. Тој се извини, но тоа не беше доволно.
„Во врска со настанатата ситуација поднесувам оставка и како пратеник во 49. Народно собрание, ја напуштам партијата ГЕРБ и политиката“, рече пратеникот во изјава за медиумите.
Откако неговите зборови станаа јавни и наидоа на сериозни критики, ГЕРБ упати кратко извинување во негово име и објави дека Рашидов се повлекува од две функции – едната како претседател на собраниската комисија за култура, а другата член на Извршниот комитет на ГЕРБ. Тоа беше недоволно и Рашидов посрамотен си замина од политиката.