Бугарија оди на уште едни избори, четврти за 15 месеци

БСП утре ќе му го врати мандатот на претседателот Радев. Новите избори се очекуваат на 2 октомври


 

Политичката криза во Бугарија како да нема крај.

Како и што се очекуваше, Бугарската социјалистичка партија (БСП) објави дека в четврток ќе го врати и нејзиниот мандат за формирање влада што значи дека распуштањето на парламентот е неминовно и Бугарија ќе оди на уште едни избори. Тие ќе бидат четврти по ред за 15 месеци. Се очекува претседателот Румен радев да го распушти парламентот идната недела, а изборите да се одржат на 2 октомври.

Ваквиот развој на настаните дојде откако во средата пропадна последниот обид на лидерката на БСП, Корнелија Нинова, да најде парламентарно мнозинство. Опозицијата го отфрли предлогот на БСП до крајот на годинава да се донесе законодавна програма на парламентот. Гласањето во собранието беше тест за тоа дали левицата може да најде мнозинство за успешно спроведување на мандатот.

Предлог-одлуката за усвојување на законодавна програма на собранието не беше усвоена за влакно. За овој предлог гласаа 119 пратеници, против беа 106 и еден воздржан. За предлогот беше доволно мнозинство од 121 пратеници. Против беа пратениците на ГЕРБ, ДПС, Преродба и Има таков народ.

„Она што се случи денеска му покажа на бугарското општество кој е на која страна на оваа линија на поделба – луѓето и партиите кои сакаат да се борат против корупцијата и оние кои сакаат да ја заштитат корупцијата“, изјави шефот на пратеничката група на БСП, Георги Свиленски. .

„Постапката за третиот мандат заврши. Одиме на избори и тоа е резултат на партиска себичност, ужасно ситен однос кон политиката во Бугарија наспроти предизвиците со кои се соочува нашата земја, несоодветноста и тешката неодговорност“, рече лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов.

Според неговите зборови, ДБ се обиде да застане на страната на одговорноста и здравиот разум „и со овој капитал ќе се појави на претстојните предвремени избори“.

„Штета што за шест месеци ја урнаа државата, урнаа сѝ и нема луѓе кои сакаат да владеат“, изјави лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов откако БСП соопшти дека го враќа мандатот. Според него, целта на ГЕРБ на следните избори е да биде прва политичка сила. Според последните анкети ГЕРБ и Продолжуваме со промената се речиси изедначени, со многу мала предност на партијата на Борисов.