Бугарија нема ни претседател на парламент, ќе гласаат по деветти пат


 

Во Бугарија во тек е седница на која ќе се направи уште еден обид, по деветти пат, да се избере претседател на 51. Народно собрание. ПП-ДБ за кандидат за функцијата во име на коалицијата го предложи Атанас Атанасов, додека БСП – Обединета левица уште еднаш ја истакна кандидатурата на Наталија Киселова. Преродба уште еднаш ја потврди кандидатурата на адвокатот Петар Петров, а  ИТН повторно ја покрена кандидатурата на  Силви Кирилов.

Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов истакна дека единствен можен начин да се одврзе јазолот на политичката криза е ГЕРБ-СДС да се откаже од кандидатурата на Раја Назарјан за претседател на Собранието. Нагласи дека не наметнува никакви услови на ниту една партија, а секој ден е подложен на услови од партии како што е ПП. Борисов денеска предлага партиите од собраниската говорница да го прочитаат составот на нивните пратенички групи, за да се деблокира работата и да почнат консултациите со претседателот Румен Радев. 

„Дојдоа пратеници од БСП и побараа поддршка за Наталија Киселова, бидејќи им должиме поддршка од времето на Вежди Рашидов. Зборував со партијата, тие го поддржаа“, рече Борисов.

„Имав многу преговори со господинот Атанасов. Им објаснив дека седнуваме, преговараме, потпишуваме коалициски договор ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ и го избираме Атанас Атанасов за претседател на Народното собрание. Се откажав да бидам премиер за да им угодам. И тие продолжуваат да зборуваат за нивните. И затоа остануваме на ставот што партијата го реши пред една недела“, дополни Борисов.

Тој нагласи дека направил доволно компромиси со повлекувањето на Раја Назарјан и со своето повлекување.

„Во моментов никој не зборува за влада, туку за избор на привремен премиер“, рече Борисов.

„Борисов повторно објави дека планира да си поигрува со Раја Назарјан – потег што им оди во прилог на Пеевски и Сарафов, смислувајќи како да се одложи изборот на претседател на Народното собрание за уште еден ден. Нема да навлегуваме во разговори за мнозинства, зад кои ѕирка Пеевски. Одбивањето да се потпише макар и една декларација зборува за огромната зависност на ГЕРБ (од Пеевски н.з.)“,на својот Фејсбук профил напиша Кирил Петков, копретседателот на Продолжуваме со промената.