Бугарија не сакала нејзините условувања да завршат како декларација на ЕУ
Агенцијата БГНЕС извести дека Бугарија го одбила предлогот во ЕУ нејзините барања да бидат ставени во декларација надвор од преговарачката рамка, за да даде зелено светло за започнување на преговорите со Македонија. Бугарското МНР објави дека Бугарија официјално ја известила Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената рамка за преговори за Република Северна Македонија и нацрт-декларацијата до неа. Како аргумент се наведува дека не постојат потребни гаранции за исполнување на условите поставени од Бугарија.
Рамката за преговори предвидува можност за поставување на нашите услови во декларацијата на Советот на ЕУ која не е правно обврзувачки инструмент, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Барањето на Бугарија до европските институции е нејзините услови да се рефлектираат директно во Рамката за преговори. Бугарија инсистира на тоа дека Република Северна Македонија треба да ги исполни своите обврски согласно Договорот за добрососедство и пријателство, дека не го признава македонскиот јазик и е против тоа да биде регистриран како официјален јазик на Европската унија“, пишува БГНЕС.