Бугарија не попушта за Македонија, ЕУ не сака одвојување од Албанија


Министри за европски прашања пред почетокот на денешниот состанок во Луксембург

Министрите за европски работи на ЕУ до предмалку дебатираа во Луксембург за усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, според дипломатски извори од ЕУ, Бугарија одбила да попушти, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Дебатата за проширувањето претпладнево на министерскиот состанок во Луксембург била прилично интензивна, пренесуваат дипломатите, посебно во однос на Северна Македонија и бугарската блокада. Според присутните, најнастојчива била Германија, која покажала силна заложба за почетокот на преговорите со Северна Македонија.

Бугарската страна меѓутоа и натаму одбивала да попушти, и покрај предупредувањата на земјите членки на ЕУ дека со оваа блокада „ЕУ си пука сама себе во нога“.

На Софија и било предочено повторно дека во прашање е кредибилитетот на целата Европска Унија и критиките на земјите членки кон позицијата на Бугарија биле „многубројни“, велат дипломатите во ЕУ.

Бугарскиот претставник порачал дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот“ помеѓу Скопје и Софија, дека овој спор е европско прашање, и дека притоа Бугарија се наоѓа во „специфична ситуација“ поради претстојните избори во јули.

Сепак, Бугарија не може да даде никаква гаранција ни дека со политичка влада ќе го деблокира ветото, жалат европските дипломати.

За огромното мнозинство земји членки е јасно дека одвојување од Албанија не смее да има, и дипломатите присутни на состанокот оценуваат дека е речиси невозможно ова сценарио да се оствари, „освен ако нешто се промени до крајот на денот“.