Бугарија не бара компромис, туку исполнување на ултиматумот


Следниот Совет за општи работи, кој може да се случи оваа година и да одлучува за процесот на преговори на Северна Македонија со Европската унија ќе биде на 8 декември. По вчерашната блокада на Софија за преговарачката рамка, денешните реакции се дека вратите на Брисел не се затворени за Скопје.

„Во никој случај не станува збор за заложништво на Северна Македонија. Ние секогаш ја поддржувавме нејзината европска интеграција. Но, тоа не може да се случи на сметка за националните интереси на земјите-членки на ЕУ. Бугарија нема начин да прави компромис за нештата кои не се само од историска, туку и од вредносна природа“, рече бугарскиот заменик министерот за надворешни работи Георги Георгиев во утринската емисија на БТВ.

Георгиев истакна дека не постои официјален став на Скопје за бугарските барања, но дека тоа е индикативно според реакциите на медиумите во Македонија.

„Ние секогаш бевме доследни на нашата позиција и тоа не треба да ги изненадува нашите европски партнери. Прашања како јазична норма биле поставени претходно пред две децении во Декларацијата од 1999 година, на што се засновува Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година“, рече заменик-министерот за надворешни работи

Според Георгиев, во договорот за асоцијација на Северна Македонија со ЕУ постои клаузула дека Скопје мора да се усогласи со договорите склучени со земјите-членки и Договорот за пријателство со Бугарија, така што Софија, како што вели тој, не бара ништо ново.

„Постојат историски факти кои не можат да се менуваат – т.н. македонски јазик настанал врз основа на бугарскиот. Нема што да се коментира. Како се формирал подоцна, тоа е веќе работа на научниците“, рече дипломатот по повод тврдењата на Македонската академија на науките и уметностите дека јазикот, што се зборува во Македонија е стар неколку стотици години.

Тој дополни дека имало барање од одредени европски земји кои сакале да се направи компромис со Македонија и да се започнат преговори за членство во ЕУ, но како што вели Георгиев, компромис не може да има, туку само исполнување на условите.