Бугарија ќе ја добие новата влада в понеделник
Министерка за надворешни работи треба да биде Теодор Генчовска предложена од Има таков народ, откако во последен момент отпадна Димитар Гардев поради фалсификување на дел од неговата биографија
Ден пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, кога треба да се расправа за почетокот на преговорите со Македонија и Албанија, Бугарија ќе ја добие новата влада сосатвена од четири партии чиј премиер треба да биде Кирил Петков. Според пишувањето на бугарските медиуми, претседателот Румен Радев треба да му го додели мандатот на лидерот на формацијата „Продолжуваме со промената“, Петков, уште утре, сабота, а собранието треба да се состане на вонредна седница в понеделник да ја изгласа новата влада.
Во новата влада ќе партиципираат „Продолжуиваме со промената“, која ќе има најмногу министри, Бугарската социјалистичка партија (нејзиниот лидер во оставка, Корнелија Нинова, треба да биде еден од вицепремиерите), Има таков народ и Демократска Бугарија.
Она што е најинтерсно за македонската јавност е дека во последен момент од трката за министер за надворешни работи што го предлага Има таков народ, отпадна Димитар Гардев, најмногу поради тоа што фалсификувал дел од својата биографија дека наводно работел во Европскиот парламент. Предлогот на Има таков народ сега е Теодора Генчовска. Таа беше дел администрацијата на претседателот Радев и беше предложена за министерка за одбрана во двата провизорни кабинети на Има таков народ, за кои немаше никаква поддршка.
Кариерата на Генчовска (50) е поврзана со армијата, а не со дипломатијата. Има завршено воена академија и била на дообразување во повеќе земји на НАТО, како САД и Британија.
Според коалицискиот договор, кој треба да биде потпишан подоцна во петок, владата ќе има пет вицепремиери – БСП, ИТН и ДБ ќе имаат по еден, а „Продолжуваме со промената“ двајца. Едниот од нив ќе биде Асен Василев, дел од двоецот со Кирил Петков. Тој ќе го има рангот на супер министер, бидејќи не само што ќе раководи со финансиите, туку ќе биде надлежен и за европските фондови.
Во конечниот нацрт на коалицискиот договор е предвидено секој министер да си именува свои заменици. Но, постои можност за меѓусебна контрола меѓу поединечните партии – секоја од формациите ќе има советници во секое министерство. Оригиналниот нацрт-договор предвидуваше дека само носителите на мандати на ПП да имаат право на таква контрола. (Н.В.)